Линкови за пристапност

Јужна Кореја ја продолжи забраната за летови од Британија по позитивни тестови на варијантата на вирусот


Кај три лица кои неодамна влегле во земјата е најдена варијантата на вирусот Ковид-19 што е иденттификувана во Британија

Јужна Кореја во понеделникот објави дека ќе ја продолжи забраната за директни летови од Велика Британија до 7 јануари, откако три лица кои неодамна влегоа во земјата беа позитивни на варијантата на Ковид-19, која за прв пат беше идентификувана во Велика Британија.

Корејската агенција за контрола и превенција на болести соопшти дека тројцата пристигнале на 22 декември со лет од Лондон.

Јапонија, која го објави својот прв случај на варијанта на вирусот, ги забрани сите нерезидентни пристигнувања на странци од полноќ во понеделник до крајот на јануари.

Ефективно од понеделник, американските власти соопштија дека патниците кои пристигнуваат од Велика Британија мораат да имаат негативен тест за Ковид-19 седумдесетт и два часа пред поаѓањето.

Британските власти се очекува оваа недела да ја одобрат вакцината за коронавирус Астра Зенека, а шефот на компанијата изјави дека ќе биде ефективна против вирусот исто како и вакцините Фајзер-БиоНТех и Модерна.

Извршниот директор на АстраЗенека, Паскал Сориот, изјави за Сандеј Тајмс дека компанијата „нашла формула за што ја прави вакцината ефикасна по две дози, исто како и другите вакцини“.

Тој додаде дека верува оти вакцината на неговата компанија ќе биде ефикасна и против новата варијанта на вирусот, која е позаразна и предизвикува загриженост ширум светот.

Доколку биде одобрена, вакцината АстраЗенека ќе стане петтата што е пуштена во употреба за борба против вирусот. Раните тестови покажаа дека вакцината е 70% ефикасна за спречување на болеста, во споредба со 95% ефикасност пријавено од Фајзер и нејзиниот германски партнер БиоНТех. Русија и Кина имаат и свои вакцини.

Најновата вакцина доаѓа во моментот кога светот достигна мрачен рекорд од 80,8 милиони луѓе ширум светот заразени од вирусот со 1,7 милиони смртни случаи на глобално ниво, според Универзитетот Џон Хопкинс.

Во САД, 19 милиони луѓе биле заразени со вирусот, а повеќе од 333 илјади починале.

Во меѓувреме, пандемијата ги натера властите во Австралија да забранат луѓе да присуствуваат на една од најпознатите светски новогодишни прослави.

Премиерката на Нов Јужен Велс, Гледис Береџиклијан, во понеделникот објави дека пристаништето во Сиднеј ќе биде затворено за јавноста за новогодишната ноќ, за да се спречи ширењето на болеста.

Годишното празнување на Новата Година се одликува со спектакуларен огномет што го осветлува ноќното небо над познатата оперска куќа во Сиднеј. Најмалку еден милион луѓе вообичаено се физички присутни на прославата но овој пат жителите на Сиднеј ќе го гледаат огнометот од дома, на телевизија.

XS
SM
MD
LG