Линкови за пристапност

Трамп стави вето на буџетот за одбраната


Американскиот претседател Доналд Трамп во средата стави вето на годишниот предлог-закон за трошоци во областа на одбраната, несогласувајќи се со пакетот кој доби широка двопартиска поддршка во Конгресот, и нарекувајќи ја мерката „подарок“ за Кина и Русија.

Националниот акт за авторизација на одбраната требаше да авторизира 740 милијарди долари за армиски програми и да им даде три проценти покачување на платите на членовите на армијата. Овој документ исто така ја одредува политиката на Пентагон по прашања како нивото на трупите, оружените системи и прашања во однос на персоналот.

Спикерката на Претставничкиот дом Ненси Пелоси ветото на Трамп го нарече „акт на несфатлива неодговорност што им штети на нашите трупи“.

Трамп долго се закануваше со вето на законот доколку не вклучи поништување на поглавјето од Актот за чесна комуникација од 1996, каде се обезбедува заштита од кривично гонење за компаниите на социјални медиуми.

Сенаторот Џејмс Инхоф, републиканец кој претседава со сенатската Комисија за оружените сили изрази поддршка за документот, велејќи дека Конгресот треба да постапи по спорниот дел одвоено.

Во изјава каде го објаснува ветото Трамп повтори дека исто така се противи на провизијата што дозволува преименување на некои од армиските објекти што оддаваат чест на лидери на Конфедерацијата, група од 11 јужни сојузни држави кои држеле робови и кои се одвоиле од САД, започнувајќи ја Американската граѓанска војна во 1860-те.

„Јас бев јасно против на политички мотивирани обиди како овој да се избрише историјата и да се обесчести огромниот прогрес за кој се бореше нашата држава во реализирање на нашите основачки принципи“, рече Трамп. Меѓу другите забелешки на предлог-законот Трамп исто така рече дека документот би го погазил авторитетот на врховниот командант да ги врати американските трупи дома.

„Јас сум против бесконечни војни, исто како што е и американската јавност“, рече Трамп. Овој акт има намера да ја ограничи способноста на Претседателот да ги повлече трупите од Авганистан, Германија, и Јужна Кореја. Тоа не само што е лоша политика туку и неуставно“.

Доцна во средата Пелоси кажа дека Претставничкиот дом ќе гласа да го надмине ветото на Трамп во понеделник. Сенатот се очекува да го земе прашањето во работа во вторник.

Конгрерсот има време до 3-ти јануари да изгласа поништување на ветото, кога е планирано новиот состав на Конгресот да даде заклетва.

XS
SM
MD
LG