Вака ќе треба да изгледа имунизацијата против ковид-19 кога вакцините ќе пристигнат во земјава. По почетокот на употреба на неколку вакцини во светот, прашањето е кога тоа ќе се случи и во Северна Македонија. Одговор се уште не може прецизно да се даде – се знае само дека ќе биде во првите месеци од 2021. Вакцините, според најавите на надлежните, ќе се обезбедуваат на три начини.
„Имаме уплата за 833.000 вакцини за 400.000 граѓани преку ковакс механизмот. Паралелно со овој механизам започнуваме и со директна набвака на вакцини од самите произведувачи. Предвиден е и трет механизам преку ЕУ која е во постапка за набвака на преку 200 милиони вакцини за земјите-членки и за уште 100 милиони за земјите од Европа надвор од Унијата. Ние аплициравме за дополнителни 800.000 дози од овие 100 милиони“ изјави премиерот Зоран Заев.
Европската унија уверува дека се прават обиди вакцините против Ковид-19 навреме да пристигнат и во земјите од Западниот Балкан. На состанокот со министрите од регионот, еврокомесарот за проширување, Оливер Вархеји, порача дека Брисел работи на обезбедување на вакцини за регионот во исто време кога ќе почне нивното имплементирање во Европската Унија.
Она што се знае е дека секој граѓанин ќе прима по две дози – приоритет ќе имаат медицинските лица, хронично болните и старите. Целта е да се вакцинираат од 60 до 70 отсто од населението, што според здравствените власти, е доволно за да се создаде групен имунитет. Поради отпорот кај дел од домашното наеление кон новите, но и воопшто кон сите вакцини, владата веќе почна кампања за разубедување на граѓаните дека во позадина нема светски заговор.
„Во овој период видовме што значи да се соочуваме со болест за која нема вакцина. Сите вакцини за корона вирусот се развиени на безбедни платформи кои се користеле за развој на сите други вакцини. Тоа се безбедни приотоколи и процедури кои компаниите кои развиваат вакцини со години наназад ги запазуваат“ изјави министерот за здравство Венко Филипче.
Северна Македонија не е осамена во оваа ситуација - во последното истражување, Советодавната група Балканот во Европа дојде до изненадувачки резултати за мислењето на граѓаните од регионот за коронавирусот. Дури 75 отсто од испитаниците веруваат дека зад пандемијата стои светски заговор.
„Точно е дека на Балканот сме поподложни на тие теории на заговор. Да кажам, дека ова е само една претпоставка, но сепак мора да го имаме предвид нашето скорешно минато во кое поминавме низ тешки времиња. Оттука, многу е нормално она што ти во твојот микрокосмос ќе го видиш како нелогично, а презентирано од институции во кои не веруваш, тогаш е логично да се бараат светски манипулации во ситуација на пандемија“ вели Тена Прелец, член на советодавна група Балканот во Европа.
Податоците покажуваат дека во земјава повеќе од 50 отсто од испитаниците сметаат дека пандемијата во голема мера е дело на заговор. Но уште позачудувачки 40 проценти од граѓаните на С. Македонија одговориле дека сигурно нема да се вакцинираат против ковид-19 кога вакцината ќе биде достапна.