Линкови за пристапност

Трамп се заканува дека нема да го потпише пакетот помош заради Ковид


Претседателот смета дека помошта за бизнисите е премногу ниска, како и тоа дека 600 долари по лице е премалку, и предлага помошта да биде 2.000 долари

Американскиот претседател Доналд Трамп се закани во вторникот дека нема да го потпише масивниот предлог-закон за крајот на годината усвоен од Конгресот, кој вклучува 900 милијарди долари помош заради коронавирусот и 1,4 трилиони долари годишно финансирање на владата.

На видеото објавено на социјалните медиуми, Трамп вели дека предлогот содржи „расипничко трошење“ за разни програми што се вообичаени во годишните мерки за финансирање на САД, како што се воена помош за Египет, финансирање музеи и пари за напори во земјоделство и заштита на дивината.

Неговите специфични приговори се фокусираат на, како што рече, недоволната помош за малите бизниси кои страдале за време на пандемијата и на големината на директните исплати за поединци.

Предлог-законот кој со големо мнозинство помина во двата дома на Конгресот вклучува 600 американски долари за повеќето граѓани, половина од нивото на пакетот за помош од март. Трамп вели дека треба да биде 2.000 американски долари по лице во оваа рунда на помош.

„Барам Конгресот да го измени овој предлог-закон и да ги зголеми смешно ниските 600 долари на 2.000 долари или 4.000 долари за двојка“, рече Трамп. „Исто така, барам од Конгресот веднаш да се ослободи од расипничките и непотребните ставки и да ми испрати соодветен документ, зашто во спротивно следната администрација ќе треба да приложи пакет за олеснување на последиците од Ковид. “

Демократите се залагаа за поголеми плаќања како дел од многу поголемиот пакет за олеснување по коронавирусот. Тоа не помина во Сенатот, бидејќи републиканците се спротивставија на тоа ниво на трошење и се залагаа за пофокусиран напор за олеснување.

Претседателот на Претставничкиот дом Ненси Пелоси одговори на видеото на Трамп со ветување дека ќе го изнесе на гласање прашањето за поголеми исплати.

Трамп исто така се спротивстави на вклучувањето на исплати за домаќинства со мешан имиграциски статус, како што е американски државјанин во брак со некој што нема број на социјално осигурување. Таквите случаи беа исклучени од првиот круг на помош, плаќања, а новиот предлог закон не само што ги прави подобни за новата рунда, туку и ретроактивно го вклучува износот што би го добиле од стимулативните чекови на почетокот на годината.

Претседателот не се произнесуваше за пакетот помош до сега. Но, неговиот секретар за финансии, Стивен Мнучин, беше дел од разговорите што резултираа со мерката поддржана со гласање 359-53 во Претставничкиот дом и 92-6 во Сенатот во понеделникот, и која се очекуваше Трамп да ја потпише.

Доколку Трамп стави вето на пакетот за финансирање, Конгресот може да го надмине тоа со двотретинско гласање во секоја комора.

Без решение, постои можност за затворање на владата. Владата на САД во моментов работи на привремено продолжување на финансирањето што истекува на 28 декември.

XS
SM
MD
LG