Линкови за пристапност

Киднапираните нигеријски момчиња на пат да бидат обединети со нивните семејства


Вкупно 344 момчиња беа ослободени во четвртокот, откако беа киднапирани минатата недела од вооружени лица од нивното училиште во Нигерија.

„Ова е огромно олеснување за целата држава и меѓународната заедница“, објави нигерискиот претседател Мухамаду Бухари на Твитер. „Целата земја е благодарна на гувернерот [на државата Кацина] [Амину Бело] Масари, на разузнавачките агенции, војската и полицијата.“

Сепак, некои момчиња остануваат исчезнати, рече Масари за државната телевизија.

„Ги најдовме повеќето момчиња. Не сите“, рече тој на државниот канал НТА, истакнувајќи дека ослободените момчињата биле пронајдени во шума, во соседната држава Замфара.

Масари рече дека момчињата ќе бидат обединети со нивните семејства во петок во главниот град на државата откако ќе бидат подложени на лекарски прегледи.

Не беше веднаш јасно дали е платен откуп за ослободување на децата.

Пред веста за ослободувањето на момчињата, татко на едно од киднапираните момчиња за Њујорк Тајмс изјави дека е очаен: „Не знаеме дали јадел, дали е болен, мртов или жив“.

Веста за ослободувањето на момчињата дојде кусо време откако во четвртокот се појави видео на социјалните мрежи, на кое се гледаат наводно неколку стотици киднапирани нигериски ученици со исламистичката милитантна група Боко Харам.

Нигерискиот портпарол Абдул Лабаран во изјавата рече дека видеото е автентично, но пораката од водачот на групата е од некој што се претставува така.

Ројтерс и агенцијата Франс Прес не беа во можност веднаш да ја потврдат автентичноста на видеото, но АФП објави дека ги добила снимките на истиот канал претходно користен од Боко Харам.

Џихадистичката група презеде одговорност, претходно оваа недела, за киднапирањата на 11 декември во северозападна Нигерија, но не даде доказ. Ако тврдењата на Боко Харам се валидни, нејзиното присуство во северозападната држава Кацина во земјата покажува дека ги проширила своите активности на нова територија.

Видеото, со лого на Боко Харам, прикажува вознемирен тинејџер опкружен со голема група момчиња, велејќи дека тој е еден од 520 ученици киднапирани од „бандата на Абу Шекау“.

За нападот од минатиот петок врз училиште во руралната област Канкара најпрво беа обвинети криминалци кои со години ја тероризирале областа.

Но, Боко Харам потоа ја презеде одговорноста за нападот, кој се случи стотици километри од местото на основање пред една деценија, во северо-источна Нигерија.

Во 2014 година, Боко Харам киднапира повеќе од 270 девојчиња од северо-источниот нигериски град Чибок. Десетици девојки никогаш не се вратија дома.

XS
SM
MD
LG