Линкови за пристапност

Зголемен број барања за надомест заради невработеност во САД


Побарувањата за бенефиции за невработеност во САД се зголемиле минатата недела, објави Одделот за труд во четвртокот, како последица на зголемениот број случаи на коронавирус што создава рестрикции за многу бизниси во најголемата светска економија.

Сезонски прилагодено, 885.000 отпуштени работници минатата недела поднеле барања за надомест заради невработеност, што е за 23.000 повеќе од ревидираната бројка од претходната недела. Втора последователна недела цифрата е над 800.000 откако беше нешто над 700.000 седум последователни недели.

Со новорегистрираните над 200.000 случаи со коронавирус, државните гувернери и локалните официјални лица воведоа нови ограничувања за бизнисите, откако ги укинаа сличните мерки пред неколку месеци, кога вирусот се чинеше во опаѓање.

Работодавците во новонастанатите услови отпуштаат повеќе работници, а апликациите за надоместоци заради невработеност се зголемија во четири од петте последни недели.

Отпуштањата продолжија и во време кога илјадници Американци започнаа да се вакцинираат против вирусот оваа недела.

Сè додека вакцините не бидат широко дистрибуирани во текот на следните месеци, десетиците илјади нови инфекции веројатно сериозно ќе влијаат на пазарот на трудот во земјата.

Најновата цифра за побарувања на невработени во неделниот извештај како што беше и изминативе девет месеци, останува рекордна споредено со времето пред пандемијата, каде највисоката невработеност била во времето на 60-тите години на минатиот век.

Конгресот се движи кон договор за нова мерка за олеснување на последиците од коронавирусот, во вкупна вредност од околу 900 милијарди долари, која вклучува дополнителни 300 долари неделно за невработените работници за три месеци, како додаток на помалата сума што невработените ја добиваат од касата на сојузните држави.

Новиот вкупен износ е половина од сумата од 600 долари неделно, кои беа исплаќани до крајот на јули.

Покрај тоа, владата планира да испрати чекови од 600 американски долари на сите освен на оние со највисоки примања за да помогне во зајакнувањето на економијата уништена од коронавирус. Оваа бројка е исто така половина од износот што владата го исплати пред неколку месеци кога вирусот за прв пат ги зафати САД.

Новоизбраниот претседател Џо Бајден го нарече пакетот помош „аванс“ за олеснување на последиците од коронавирус и вети дека ќе предложи поголема помош по инаугурацијата на 20 јануари.

Стапката на невработеност од 6,7% евидентирана во САД во ноември е значително подобрување од невработеноста од 14,7% во април. Сепак,тука не се вклучени оние кои престанале активно да бараат работа.

XS
SM
MD
LG