Линкови за пристапност

Од државничко обраќање до партиски извршител - реакции на партиите по говорот на претседателот Пендаровски


За ВМРО - ДПМНЕ нема дилема дека Пендаровски работи во интерес на премиерот Заев а не на граѓаните а Алијанса не гледа разлика во ставовите на претседателот и владеачкото мнозинство. СДСМ оцени дека Пендаровски е на линија на државниот интерес а премиерот дополни дека делат исти ставови

СКОПЈЕ - Претседателот Стево Пендаровски денеска го одржа традиционалното годишно обраќање во Собранието кое го бојкотираше дел од опозицијата. Во својот говор тој побара сплотување, решение за егзодусот на младите и гаратнираше дека нема да има обезличување како услов за влез во Европската Унија.

Политичките партии со очекувани реакции. Поддршка од владеачкото мнозинтво и жестоки критики и обвинувања од опозицијата. Од едни обраќањето оценето како државнички говор за другите доказ дека работи во интерес на една партија и еден човек.

Најголемата опозициска партија , ВМРО - ДПМНЕ, која ги замрзна односите со претседателот Пендаровски ја напушти салата на самиот старт.

„Стево Пендаровски докажа дека не е претседател на сите граѓани на Република Македонија туку извршител на една политичка структура и извршител на Зоран Заев. Како што Стево Пендаровски им сврте грб на македонските граѓани така денес пратениците на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата му свртеа грб нему и ја напуштија салата во кој тој имаше обраќање“, рече Александар Николоски, потпретседател на партијата.

Од најголемата опозициска партија обвинија дека тој ги загрозил националните интереси и не реагирал на изјавите на премиерот Заев во интервју за бугарскиот медиум „БГнес“

„Стево Пендаровски е прв кој што кажа дека нашиот национален херој Гоце Делчев е бугарин и со тоа ги сруши македонските национални позиции и ја отвори Пандорината кутија, ги оневозможи историчарите на научна основа да разговараат за историјата. Стево Пендаровски е претседател на државата кој не кажа ниту збор за изјавите на Зоран Заев дека бугарската држава во Втората Светска војна била ослободител, дека тука имало администрација и дека бугарскиот и македонскиот јазик се едно исто, збор не кажа да се спротистави на овие работи“, изјави Николоски.

За опозициската Алијанса за Албанците (АА) нема разлика меѓу ставовите на претседателот Пендаровски и оние на владеачкото мнозинство а како пример беа наведени три аспекти. Првиот аспект за тоа се однесува на изборниот процес.

„ Претседателот ги оквалификува како демократски, меѓутоа, ние ја знаеме вистината дека посебно кај албанските општини ние како коалиција го кренавме гласот дека изборниот процес е манипулиран целосно“, рече Скендер Реџепи, координатор на пратеничката група на АА.

Вториот аспект, според Реџепи, е начинот на кој надлежните се справуваат со со пандемијата на Ковид - 19.

„Претседателот го окарактеризира како добар начин на којшто е интервенирано. Ние уште од почеток баравме да има посебна Комисија но и измени во Комисијата за заразни болести и поставување на експерти со кои навистина би можело да се најде излез од пандемијата, особено ако се земе предвид фактот дека ние сме првенци во Европа по стапката на смртност“, рече Реџепи кој додаде дека третиот аспект се однесува на лидерските средби.

Од ДУИ со пофалби за обраќањето на Пендаровски.


„Одлично годишно обраќање на претседатеот Пендаровски. Не е добро што дел од опозицијата ја напушти салата. Сакам да истакнам дека во годишното обраќање беше истакната и нашата стратешка цел - членството во ЕУ“, рече пратеникот Арбр Адеми од ДУИ.

Се огласи и премиерот Зоран Заев кој на социјалната мрежа „Фејсбук“ соопшти дека со претседателот се едномислени и делат исти ставови.

„Го поздравуваме фактот што со претседателот Пендаровски сме едномислени во однос на одбраната на државните позиции и интереси за нашата иднина во ЕУ, како и во пристапот за решенија за прашањата со Бугарија. Од неговото обраќање е јасно дека делиме заеднички став и едногласност дека за македонските идентитетски прашања – јазикот и националната припадност како Македонци, нема преговори. Тие се потврдени и меѓународно признаени“, напиша премиерот Заев.


Премиерот ја истакна и улогата на претседателот Пендаровски во борбата со коронавирусотзатоа што успеал да го премости периодот кога Собранието не функционираше.

Владеачката СДСМ го оцени обраќањето на Пендаровски на линија на државниот интерес и соопшти дека во него гледа сојузник во наоѓање решенија за надминување на сите пречки.

„Претседателот Пендаровски ги брани државните позиции во процесот на обезбедување на нашата европска иднина, како и во изнаоѓање решенија за прашањата со Бугарија. Од институцијата Претседател, сега, за разлика од претходно, навистина гледаме државнички пристап и единство за стратешките позиции, што е многу важно за нашата земја“, изјави Јован Митрески, координатор на пратеничката група на СДСМ.

За владечаката СДСМ потегот на опозициската ВМРО - ДПМНЕ, која ја напушти собраниската сала е антидржавно и деструктивно однесување.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG