Линкови за пристапност

Програмата за храна на ООН ја доби Нобеловата награда за мир


Првиот човек на Програмата за храна на Обединетите Нации предупреди дека 270 милиони луѓе во светот се соочуваат со глад. Директорот Дејвид Бисли во четвртокот говореше на виртуелна церемонија на која во име на Агенцијата ја прими Нобеловата награда за мир за 2020-та.

Оваа Нобелова награда е повеќе од благодарам. Таа е повик за акција.
Дејвид Бисли

„Оваа Нобелова награда е повеќе од благодарам. Таа е повик за акција“ рече Бисли. „Поради многу војни, климатски промени, широката распространетост на гладта како политичко и воено оружје, како и глобалната пандемија која ја влошува ситуацијата, 270 милиони луѓе се соочуваат со прегладнетост. Од тие 270 милиони, 30 милиони сто процентно зависат од нас за да преживеат“ додаде тој.

Наместо традиционалната церемонија која вообичаено се одржува во Осло Бисли ја доби наградата во Рим каде е седиштето на Програмата за храна. Тој вели дека светот ги има потребните средства и ресурси за да се справи со гладта на глобално ниво.

Нам ни требаат само 5 милијарди долари за да спасиме 30 милиони животи.
Дејвид Бисли

„Ова е можеби најироничниот момент во модерната историја. Од една страна, по еден век на масовни напори за елиминирање на екстремната сиромаштија имаме 270 милиони луѓе кои се на работ на прегладнетост. Тоа е повеќе од целото население на Западна Европа. Од друга страна, во светот има богатство од 400 трилиони долари. Дури и во време на пандемија на Ковид-19, за само 90 дена беа креирани дополнителни 2.7 трилиони долари на богатство. Нам ни требаат само 5 милијарди за да спасиме 30 милиони животи. Што пропуштам овде?“ рече Бисли.

Во 2019-та Програмата за храна обезбеди помош за речиси 100 милиони луѓе во 88 држави. Норвешкиот комитет за Нобелова награда вели дека покрај борбата со гладта, Програмата придонела за подобрување на условите за мир во подрачјата погодени од конфликти и е водечка сила во напорите за спречување на користењето на гладта како оружје во војни и конфликти во својата 60 годишна историја.

Регионалниот директор за Источна Африка на Програмата за храна, Мајкл Данфорд, вели дека тие се пресреќни што ја добиле наградата во оваа тешка година.

„Ова е голем поттик“ рече Данфорд. „Како што знаете 2020-та е една од најтешките години. Ковид-19 е уште еден дополнителен шок покрај најлошите поплави во Источна Африка, наездата на скакулци од библиски пропорции и за жал, а тоа е и најголема загриженост, конфликтите и несигурноста во голем дел од земјите во кои работиме“ додаде тој.

Светската Програма за храна исто така работеше и на координирање на медицинска логистика за време на пандемијата со корона вирус.

Се очекува во следниот период. претставници од Програмата да отпатуваат во Осло и да го одржат традиционалното предавање пред Нобеловиот комитет.

И другите Нобелови награди – за медицина, физика, хемија, литература и економија се доделуваат онлајн.

Церемониите традиционално се одржуваат на 10-ти декември, годишнината од смртта на шведскиот индустријалец Алфред Нобел кој со својот тестамент ги основаше наградите.

XS
SM
MD
LG