СКОПЈЕ/СОФИЈА – „Нула напредок“ по единаесетата средба на мешовитата Комисија за историја. Ако досега Гоце Делчев беше каменот на сопнување, сега судирот во Комисијата меѓу македонските и бугарските историчари е околу придавката македонски во записниците од средбите а несогласувања се појавија и околу државата на Цар Самоил.
„Проблемот со придавката „македонски“ е во тоа што со колегите од Република Бугарија не се согласуваме во однос на тоа во кој контекст тие може да се употребуваат а во кој не, согласно Договорот. Кога станува збор за македонска културна традиција, македонска историја, македонски јазик, македонски народ... Тука имаме некое недоразбирање“, изјави Драги Ѓорѓиев, копретседавач на Комисијата и шеф на македонскиот тим.
Копретседателот Димитров се повика на Доворот за пријателство од 2017 година. Ги обвини македонските историчари за блокада и дискредитација на Бугарија.
„Тие настојуваа секаде во записниците да се стави „македонски“. Тоа не е во согласност со востановената практика. Нашите опсервации покажуваат дека појавата на оваа нова позиција на нашите колеги е дел од политички однос за дискредитирање на Бугарија и државните позиции кој почна во октомври минатата година“, изјави Ангел Димитров.
Ѓорѓиев појасни дека во записниците од средбите придавката „македонски“ почнала да се изоставува уште од шестата средба. Затоа и записниците од деветата и десеттата средба не се потпишани. Во моментов разговорите меѓу двете држави за надминување на овој проблем се водат на повисоко ниво а идната недела ќе има средба но во краток состав.
За Гоце Делчев, досегашната непремостлива пречка, на овој состанок се разговарало триесетина минути. Затоа фокусот бил на државата на Цар Самоил и препораките кои треба да бидат доставени до Владите а потоа и инкорпориани во учебниците. Ригидните ставови на бугарските историчари за едностран приказ на државата се неприфатливи за македонскиот тим.
„Идејата да се наметне само едно видување на таа држава е причината за неуспех. Беа разменети неколку варијанти и предлози на препораката за тој дел на нашата историја. Зборуваме на различен јазик по ова прашање. Инсистирањето да се наметне едно гледање на одреден настан наместо нудење на перспектива на учениците се судрија“, објасни Ѓорѓиев.
Од македонскиот тим на Комисија, за Гласот на Америка, брифираат дека влијанието на политиката и ставовите на официјална Софија е сериозна пречка во постигнување на било каков напредок во работата.
На денешната прес конференција, копретседателот Димитров за изјавите на бугарскиот државен врв поврзани со негација на македонската држава, народ и јазик и од кои не се огради, кажа дека нема ништо спорно и дека не ги чул. Тој ги повтори тврдењата на официјална Софија дека македонската држава е продукт на Коминтерната но потоа ретерираше објаснувајки дека за ова дополнително ќе се разговара во Комисијата кога ќе биде точка на дневен ред.
По последната средба станува јасно дека натамошната работа на Комисијата станува беспредметна со оглед на политичката тежина и притисок, но и ставовите на бугарските историчари кои се водат од политичкиот врв а не од историските факти и незибежното вето за старт на преговорите со ЕУ идната недела.
Facebook Forum