Линкови за пристапност

Триесет и девет мигранти досега го загубиле животот на македонските пруги и патишта


Триесет и девет мигранти досега го загубиле животот на македонските пруги и патишта
please wait

No media source currently available

0:00 0:02:59 0:00

Шеснаесет годишниот Абдул Кајум Насери од Авганистан, е само еден од многуте бегалци, чиј што сон за подобар живот во Западна Европа, заврши во Северна Македонија. Во март годинава, ова младо момче го загуби својот живот од струен удар при обид да се качи на товарен воз. После него уште двајца млади Сиријци на 17 и 20 години ги оставија своите животи во земјава, загинувајќи во сообраќајна несреќа. Според податоци на македонската полиција од крајот на 2014 година, до септември 2020 година, животот го загубиле 39 мигранти.

„Најголем дел од мигрантитe го загубиле животот во железнички незгоди – 30. Пет мигранти во сообраќајни незгоди кои ги предизвикувале возачите криумчари, тројца се удавиле при обид да ја преминат Сува река во близина на селото Моин, гевгелиско, а едно лице без знаци на живот било пронајдено во провалија покрај магистралниот пат Удово – Демир Капија“ велат од Министерството за внатрешни работи.

Но од невладината организација Легис, сметаат дека тој број е многу поголем. Во последните две години, велат од таму, најмногу од бегалците ги губат животите, во сообраќајни незгоди, кога криумчарите кои ги превезуваат бегаат од полицијата и најчесто завршуваат трагично.

„Бидејќи само во една сообраќајна несреќа во 2015 година, 14 бегалци го загубија животот во еден ден. Додека се движеа по пругите, тоа им беше како пат по кој се уште се движат, беа удирани од страна на возот, бидејќи постојат места, каде не постојат патишта и мора да се движат директно по пругата и не можат да избегаат, ако видат дека воз се движи. Гинеа од удар на пруга“ вели Мерсиха Смајловиќ од невладината организација Легис.

Смајловиќ вели дека случајот со Кајум, кој беше погребан 208 дена после неговата смрт, односно во октомври годинава, поради бројните правни лавиринти, никогаш повеќе не треба да се повтори. Во меѓувреме неговото тело било чувано во фрижидер сè до доаѓањето на член од семејството за идентификација, а парите за погреб биле собрани преку донации. Единствена желба на овие лица додава таа е хуман третман и слобода на движење низ државата.

Нивната неможност согласно законските норми, нивниот престој да биде регулиран во Македонија и да се движат слободно, се принудени да користат ирегуларни движења, криумчари. Со пандемијата и со Ковид-19, тие воопшто не се безбедни, па дури и да се инфицирани, тие немаат можност да се тестираат, да се изолираат или да се лекуваат бидејќи ирегурално се движат низ Македонија“ вели Смајловиќ.

И покрај опасноста со која се соочуваат, не мал е бројот на оние кои се обидуваат, да стигнат до крајната дестинација.

„Европската комисија во последните неколку извештаи констатира дека Македонија на незаконски начин ги враќа, мигрантите и бегалците назад во Грција и ова е особено голем предизвик, затоа што Македонија нема потпишано билатерален протокол со Грција за враќање на овие лица. Прашањето кое ќе се постави при отворањето на поглавјето 24 ќе подразбира анализа, на целокупното управување со миграциите, односно дали секоја постапка која ја презема државата е во согласност со политиките и процедурите со ЕУ“ вели Зоран Дранговски, Македонско здружение на млади правници.

Од МВР велат дека во периодот од јануари до септември 2020-та година спречени биле 25.549 обиди за илегално преминување на границите, а сузбиени биле три организирани криминални групи кои прокриумчариле 275 мигранти.

XS
SM
MD
LG