Линкови за пристапност

Експерти: Затегнатите односи меѓу Скопје и Софија ќе го зголемат присуството на лажни вести


Експерти: Затегнатите односи меѓу Скопје и Софија ќе го зголемат присуството на лажни вести
please wait

No media source currently available

0:00 0:02:40 0:00

Актуелните случувања на релација Софија - Скопје и бугарската блокада на почетокот на преговорите на Северна Македонија со Европската Унија, ќе го зголемат говорот на омраза, како и пласирањето на лажни вести, вели Петрит Сарачини, медиумски истражувач од невладината организација Цивил. Според него виртуелната војна помеѓу корисниците на интернет во Бугарија и Северна Македонија, секогаш се засилува кога доаѓа до појава на деликатни политички процеси, во кои учествуваат луѓе од двете страни на границата.

„Голем дел од нив се такви нарушувања на информацискиот простор, не само дезинформации, туку и разни фото монтажи, итн. Тој говор на омраза се засилува на оние делови на интернетот, каде што корисниците имаат можност да пласираат свои содржини или содржина генерирани од корисници. Почнувајќи од Јутјуб форумите, разни страници на интернет, но особено е видливо на социјалните мрежи Фејсбук и Твитер“ вели Петрит Сарачини, медиумски истражувач во „Цивил.“

Лажните вести многу често значат и мешање од страна во внатрешните работи на земјата, сметаат познавачите на приликите.

„Треба од двете страни на границата, институциите и на бугарската и на македонската држава, да преземат мерки, за ова да не се случи.Мислам дека во тој правец, треба да се движи и подобрувањето на односите, каде и властите но и јавноста од двете страни на границата, ќе имаат малку повеќе внимание за чувствата на другиот“ објаснува Сарачини.

Комуникологот, Бојан Кордалов, вели дека борбата со лажните вести ќе биде актуелна и во иднина, затоа што процесот за полноправно членство во ЕУ е долготраен процес.

„Тоа истовремено го прави потежок за објаснување и ранлив од потенцијални напади од лажни вести. Доколку сакаме тоа да го надминеме, македонските институции мора да разберат дека е потребно креирање на јасна, видлива и остварлива комуникациска стратегија, на која на граѓаните ќе им се објаснат сите фази и процеси, но и јасно ќе им биде кажано, дека ова што се нарекува пристапување за членство, може да трае со години, а може да трае и со децении“ смета Кордалов.

Катерина Синадиновска од Советот за етика во медиумите, вели дека со оглед на досегашното искуство, кога се работело за сериозни политички процеси или случувања, не секогаш медиумите биле на ниво на задачата.

„Се сеќавате на Преспанскиот договор и сета таа кампања, која беше полна со лажни вести и од носители на кампањата и од самите медиуми и од центрите на моќ домашни и странски. Но еве и сега процесот со битката со Ковид пандемијата и корона вирусот, гледаме дека и тогаш кога се работи за нешто толку важно за здравјето на граѓаните сепак има известување во кое има сензационализам, лажни вести, дезинформации, текстови полни со шпекулации, сомнителни извори“ вели Синадиновска.

Од Советот за етика порачуваат медиумите да го следат јавниот интерес и да известуваат согласно професионалните новинарски стандарди.

XS
SM
MD
LG