Армијата дополнително се ангажира во справувањето со пандемијата – од денеска тим од воено-медицинскиот центар, 12 лекари и 20 медицински сестри, се вклучува во работа на интерните клиники каде се формирани неколку ковид оддели. Во прво време армискиот медицински персонал ќе биде распореден во тријажниот центар на Интерно, каде ќе врши прием на пацинети во ковид одделенијата.
Вклучувањето на армиски доктори и сестри следи 10 дена по прогласувањето на кризната состојба – досега беа ангажирани невооружени војници како поддршка на полицијата во ковид центрите. Армијата отстапи и неколку амбулантни возила за потребите на брзата помош.
За улогата на вооружените сили во поддршка на здравствените институции во услови на пандемија се разговараше на денешниот видео-конференциски состанок Јадранска повелба-САД.
Иако дополнително се ангажираат армиски лекари, здравствениот систем во земјава, според надлежните, е стабилен. На состанокот со директорите на ковид центрите од клиничкиот центар министерот за здравство бил информиран за состојбата - утврдено е дека изминатата недела е достигнат пикот на бројот на хоспитализирани пациенти и дека веќе имам благ пад на хоспитализрани на дневно ниво.
„Очекуваме во наредиот период да има повеќе испишани отколку примени пациенти. На инфективните оддели има се повеќе слободни места. Секако ја следиме состојбата од ден на ден и подготвени сме за секое сценарио. Доколку овие прогнози не се остварат имаме на располагање и нови оддели и дополнителни болнички капацитети кои се спремни да се отворат“ – рекол Филипче на состанокот со директорите на ковид-центрите, информираат од министерството за здравство.