Линкови за пристапност

Бајден се подготвува за преземање на претседателската функција


Во најавеното обраќање се очекува новоизбраниот американски претседател, Џо Бајден, да зборува за пандемијата со корона вирус и за сезоната на празници.

Говорот е закажан за еден ден пред Денот на благодарноста, период во кој милиони Американци вообичаено се собираат со своите семејства, а многумина патуваат за да го направат тоа. Но, оваа година со растот на нови случаи на Ковид-19 низ целата земја, федералната влада апелираше граѓаните да останат дома.

Транзицискиот тим на Бајден соопшти дека тој „ќе дискутира за споделените жртви кои ги прават Американците во оваа сезона на празници и ќе каже дека ние можеме и ќе успееме заедно да минеме низ моменталната криза.“

Во вторникот Бајден објави дека Соединетите Држави се „подготвени да го водат светот, а не да се повлечат од него,“ со што сигнализираше остра промена на актуелната политика на претседателот Доналд Трамп, „Америка прво“, која ја спроведуваше во изминатите четири години.

Како што се подготвува да ја преземе функцијата на 20-ти јануари Бајден рече дека земјата е „подготвена да се соочи со противниците, а не да ги отфрли сојузниците. Подготвена да застане во одбрана на своите вредности.“

Тој ги претстави и луѓето кои планира да ги номинира за највисоките позиции во дипломатијата и националната безбедност како дел од неговата администрација. Избор за државен секретар во Стејт Департментот е Ентони Блинкен, еден од најблиските советници за надворешни работи на Бајден.

„Немаме време за губење кога станува збор за нашата национална безбедност и за надворешната политика“ соопшти Бајден. „Ми треба тим кој ќе биде подготвен од првиот ден да ми помогне да го вратам американското место на челото на масата, да го соберам светот за да одговориме на најголемите предизвици со кои се соочуваме, да ги подобрам нашата безбедност, просперитет и вредности.“

Бајден рече дека планира да го номинира поранешниот државен секретар Џон Кери за нова позиција како специјален претседателски пратеник за клима кој во исто време ќе има и место во Советот за национална безбедност. Ова ја рефлектира посветеноста на Бајден да одговори на климатските промени како итно прашање од национална безбедност, велат од транзицискиот тим.

Бајден, кој го надгледува процесот на транзиција од неговиот дом во Вилмингтон во Делавер, го избра Алехандро Мајоркас за прв човек на Одделот за национална безбедност. Тој е адвокат со кубанско потекло и поранашен заменик – секретар во Одделот. Доколку биде потврден од Сенатот тој ќе стане првиот Латиноамериканец и имигрант кој ја има оваа позиција.

Бајден ја избра поранешната амбасадорка Линда Томас – Гринфилд, Афроамериканка со 35 годишно искуство во американската дипломатија која има служено на четири континенти, како американски претставник во Обединетите Нации. Бајден и додели и место во неговиот Кабинет, нешто што понекогаш го правеле и други американски претседатели за носителите на оваа функција од висок профил.

Бајден избра уште една жена, Аврил Хејнс, за директорка на националното разузнавање. Таа е поранешна заменик – директорка на Агенцијата за централно разузнавање и поранешна заменик – советничка за национална безбедност. Таа ќе биде првата жена која ќе раководи со американското разузнавање.

Џејк Суливан, советник за надворешни работи на Бајден, е именуван за советник за национална безбедност.

XS
SM
MD
LG