Линкови за пристапност

1.039 новозаболени и 15 починати во последното деноноќие


Речиси 1.300 хоспитализирани и стотина слободни кревети. Приватните клиники го подготвуваат Ковид центарот „Мала Богородица“. Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) регистрира зголемување на бројот на смртни случаи за 18,6 отсто и зголемување на бројот на хоспитализирани пациенти за 14,3 отсто

СКОПЈЕ - Главниот штаб заврши со проценките и анализите и одлучи да побара 295 припадници на Армијата кои ќе се вклучат во обезбедувањето на болниците и магацините со лекови како поддршка на полицијата. МВР пак ќе распореди 150 полицајци.

Раководителот на Главниот штаб и директор на центарот за управување со кризи, Стојанче Ангелов, објасни дека сите 295 припадници на АРМ нема да се вклучат веднаш туку етапно и нема да бидат вооружени.

„Полициските службеници имаат полициски овластувања а припадниците на Армијата ќе им асистираат пред сѐ за одржување на редот пред болниците и ковид-центрите, за да се овозможи поквалитетна и непречена работа на здравствените работници. Ние не праќаме војска затоа што граѓаните прават нереди во болниците, туку превентивно да го одржуваат редот за да можат здравствените работници непречено да ја вршат својата работа“, изјави Ангелов.

Одлуката за вклучување на Армијата може да ја донесе односно потпише само Врховниот командант, претседателот Стево Пендaрoвски.

Минстерката Шеќеринска викендов соопшти дека АРМ располага со 20 лекари, 20 специјализанти и 60 медицински сестри кои доколку се јави потреба целосно ќе ги отстапи на јавното здравство.

Се подготвува и новото инфективно одделение за пациентите заболени од коронавирус „Мала Богородица“ во скопската населба Тафталиџе откако Главниот штаб побара, а приватните клиники се обврзаа да го опремат. Во овој Ковид центар ќе има над 60 лекари, сестри и технички персонал кои ќе ги отстапат приватните клиники. Се чекаат дозволи за инсталација на кислород и правно уредување на болницата. Министерството за здравство ќе одлучува кој пациент каде ќе се лекува. Најтешките случаи остануваат во Градската болница „8 сптември“ и Инфективна клиника. За еден пациент приватните клиники ќе добиваат 100 евра надоместок од државата на ден.

Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) денеска го објави неделниот извештај кој се однесува на периодот од 16 до 22 ноември а во кој се бележи зголемување на бројот на смртни случаи за 18,6 отсто и зголемување на бројот на хоспитализирани пациенти за 14,3 отсто.

„Пријавени се 204 смртни случаи од 24 града, зголемување од 18,6% во однос на минатата недела. Во однос на возраста,155 лица биле над 60 години“, стои во анализата на ИЈЗ.

Највисок морталитет е регистриран во Струга, Прилеп и Штип а највисок леталитет во Крушево и Струга.

Минатата недела се регистрирани вкупно 7.486 нови позитивни случаи во 35 градови во државата. Најголем дел од регистрираните случаи, 42,3 отсто односно 3.255 новозаболени се во Скопје.

„Најзастапена е возрасната група на лица на возраст над 60 години - 1.818 или 24,3%. Голем број на заболени се регистрира и кај лицата во возрасните групи од 40 до 49 години - 1.496 или 20%, од 30 до 39 години - 1.474 или 19,7%, од 50 до 59 години - 1.348 или 18,0% и од 20 до 29 години – 978 или 13,1%“, покажуваат податоците на Инситутот.

Минатата недела 5.099 лица кои биле хоспитализирани или на домашно лекување го добиле вториот негативен тест и се водат како оздравени.

Според категоризацијата на Светската здравствена организација (СЗО) Северна Македонија е во фаза 4 односно широко-распространета трансмисија во заедницата.

Официјалните информации на Министерството за здравство покажуваат дека во Ковид центрите во болниците низ државата се лекуваат вкупно 814 пациенти позитивни и суспектни на корона вирусот а вкупната бројка е речиси 1.300 хоспитализирани.

„Вкупната бројка на пациенти, позитивни и суспектни на корона вирусот, кои се лекуваат на инфективните оддели во главниот град и во болниците низ земјава е 1290 и има околу 130 празни болнички кревети во Ковид центрите. Во тек на денот се прават и исписи на оздравени пациенти со што ќе се ослободат дополнителни легла“, соопштија од здравство.

Во последното деноноќие се регистрирани 1.039 новозаболени од кои само во Скопје се 546 случаи. Направени се 3.143 тестирања а 33 отсто се позитивни. Починаа 15 пациент со што бројката на жртви сега изнесува 1.561 лице.

Во моментов активни случаи се 20.711. Најголем број се во Скопје - 9.985. Во четири града бројката на заболени е над девестотини, Прилеп - 982, Тетово - 946, Куманово - 915 и Битола каде се регистрирани 905 активни случаи. Трицифрени бројки на заболени има уште во 16 дурги градови низ државата.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG