Линкови за пристапност

Бајден ги претстави тимовите за дипломатија и за национална безбедност


Новоизбраниот американски претседател Џо Бајден ги претстави луѓето кои планира да ги номинира за највисоките позиции во дипломатијата и националната безбедност како дел од неговата администрација.

Избор за државен секретар во Стејт Департментот е Ентони Блинкен, еден од најблиските советници за надворешни работи на Бајден.

„Немаме време за губење кога станува збор за нашата национална безбедност и за надворешната политика“ соопшти Бајден. „Ми треба тим кој ќе биде подготвен од првиот ден да ми помогне да го вратам американското место на челото на масата, да го соберам светот за да одговориме на најголемите предизвици со кои се соочуваме, да ги подобрам нашата безбедност, просперитет и вредности.“

Бајден рече дека планира да го номинира поранешниот државен секретар Џон Кери за нова позиција како специјален претседателски пратеник за клима кој во исто време ќе има и место во Советот за национална безбедност. Ова ја рефлектира посветеноста на Бајден да одговори на климатските промени како итно прашање од национална безбедност, велат од транзицискиот тим.

Според новинските извештаи, Џенет Јелен, 74 годишна поранешна претседавачка со Федералните резерви, би била номинирана за секретар за финансии. Како што првично извести Њујорк Тајмс Јелен би била првата жена да раководи со Одделот за финансии.

Бајден кој има 78 години би требало да стане 46-от американски претседател на неговата инаугурација на 20-ти јануари иако претседателот Доналд Трамп продолжува со неговите правни обиди да ја оспори победата на Демократите на изборите.

Бајден, кој го надгледува процесот на транзиција од неговиот дом во Вилмингтон во Делавер, го избра Алехандро Мајоркас за прв човек на Одделот за национална безбедност. Тој е адвокат со кубанско потекло и поранашен заменик – секретар во Одделот. Доколку биде потврден од Сенатот тој ќе стане првиот Латиноамериканец и имигрант кој ја има оваа позиција.

Бајден ја избра поранешната амбасадорка Линда Томас – Гринфилд, Афроамериканка со 35 годишно искуство во американската дипломатија која има служено на четири континенти, како американски претставник во Обединетите Нации. Бајден и додели и место во неговиот Кабинет, нешто што понекогаш го правеле и други американски претседатели за носителите на оваа функција од висок профил.

Бајден избра уште една жена, Аврил Хејнс, за директорка на националното разузнавање. Таа е поранешна заменик – директорка на Агенцијата за централно разузнавање и поранешна заменик – советничка за национална безбедност. Таа ќе биде првата жена која ќе раководи со американското разузнавање.

Џејк Суливан, советник за надворешни работи на Бајден, е именуван за советник за национална безбедност.

„Ова е јадрото на тимот“ рече Бајден. „Овие луѓе се искусни, минале низ кризи и се иновативни и имагинативни. Нема рамни на нивните достигнувања во дипломатијата, но тие исто така ја рефлектираат идејата дека не можеме да се справиме со длабоките предизвици на овој нов момент без променети навики, без разноликост во перспективите. Затоа ги избрав.“

XS
SM
MD
LG