При активностите за реконструкција на фудбалскиот стадион „Под Тумбе кафе“, во Битола, досега се откриени повеќе од 3.500 неексплодирани артилериски гранати, кои потекнуваат од Првата светска војна, со вкупна тежина од 40 тони. Секоја од гранатите има по 500 грама експлозив и е со калибар од 75 мм. Тие се носат во посебен склад, кој е сместен во простороии на некогашната касарна во Битола. Пиротехничари од Дирекцијата за заштита и спасување кои што работат на терен очекуваат да се извадат најмалку 10.000 гранати со тежина од околу 80 тони.
Ако акцијата продолжи и понатаму, нивните проценки се дека можат да стигнат и до 40000 гранати. Ова е прв случај досега во Северна Македонија, на толку голема количина на гранати да бидат пронајдени. Се претпоставува дека, Битола крие многу неексплодирани гранати од овој период, бидејќи токму одовде поминувал и некогашниот т.н Македонски фронт. За местото каде сега се пронаоѓаат овие гранати, се смета дека било позиција, на некоја од завојуваните страни. Акцијата првично почна на 26 октомври. По мал застој, продолжи на крајот од минатата недела.
„Како што ја гледаме конфигурацијата на теренот, очекуваме до 10000 парчиња минимум да извадиме. Ако границата продолжува и преку патот, можеме да дојдеме и до 40000 парчиња гранати. Се додека не се извади и последната граната ќе работиме. Однесени се во магацин и во декември почнуваме со нивно уништување. Ова е голема акција, ќе треба многу транспорт и многу луѓе за да извадиме се“, изјави Ефтим Митров, пиротехничар.