СКОПЈЕ - Владата на вечерашната седница ја донесе очекувана одлука да се прогласи кризна состојба на територијата на целата држава во траење од 30 дена. Одлуката се носи заради заштита на јавното здравје во услови на постоење на пандемија прогласена од Светската здравствена организација од заразната болест КОВИД-19 и заради спречување од негово ширење во зголемен обем.
„Периодот за постоење на кризна состојба на територија на Северна Македонија е во траење од 30 дена, почнувајќи од 20 ноември 2020 година и за оваа Одлука Владата ќе го извести Претседателот на Република Северна Македонија и Собранието. Истовремено, Владата ќе му предложи на Претседателот на Република Северна Македонија да одлучи за учество на дел од припадниците на Армијата (вид и број на сили и капацитети на армиските единици, намена и задачи за кои се бараат и времетраењето на активноста и ангажираноста на армиските единици) во справување со кризната состојба“, стои во соопштението на Влада.
На седницата е донесен заклучок според кој МВР, Министерството за одбрана, Министерството за здравство, Армијата, Центарот за управување со кризи и Дирекцијата за заштита и спасување треба да ги ставатсите расположливи капацитети и ресурси во функција на справување со кризната состојба.
Сега на потег е Главниот штаб во рамките на Центарот за управување со кризи кој ќе биде клучниот орган за менаџирање на кризата и распределба на ресурси, технички и човечки, за справување со епдемијата на коронавирусот. Главниот штаб, допрва треба да се формира, ќе биде составен од единаесет члена од повеќе државни институции и има задача да направи акциски план за превенција на ширењето на кроновирусот, целосен преглед на расположивите човеки и технички ресурси како во државниот така и во приватниот сектор како и план за координирано дејствување.
„Главниот штаб е составен од претставници од МВР, МНР, Одбрана, здравство, транспорт и врски, но крактерстично е што тука ќе биде и директорот на Итната медицинска помош, директорот на Дирекцијата за заштита и спасување како претставник на АРМ, претставник на Агенцијата за разузнавање, претставник на дирекцијата за безбедност на класифицирани информации како и претставник на Црвениот крст“, изјави Стојанче Ангелов, директор на Центарот за управување со кризи (ЦУК) и раководител на Главниот штаб.
Она што е клучно е да се обезбеди непречена поддршка на здравствениот систем кој е речиси пред колапс поради бранот на новозаболени и напливот на пациенти чија состојба е тешка и мора да се хоспитализираат.
Главниот штаб е тој што ќе одлучува како ќе се располага со материјалните и човечки ресурси на приватниот сектор и ќе одлучува дали, кога и во колава мера треба да се вклучи. Користењето на ресурсите на приватниот сектор може да биде доброволно или да се плаќа а ценовникот е според тарифите кои ги има во Стопанските комори и асоцијации.
Вклучувањето на приватниот сектор е содржан во членот 33 на Законот за управување со кризи.
„ Во случај на кризна состојба можат да се употребат и ресурсите на јавните претпријатија, установи и служби, како и на трговските друштва кои се од посебно значење за работа во кризна состојба, во согласност со закон. Во случај на кризна состојба, по барање на Владата, врз основа на договор склучен со Центарот или доброволно, можат да се употребат и ресурсите на граѓаните и други правни лица.Дневниот надоместок за користење на ресурсите изнесува до 30% од просечната месечна нето плата по работника надоместокот за нивно оштетување или уништување не може да биде помал од пазарната вредност на средството“, стои во Законот.
Главниот штаб исто така ќе ги носи одлуките далии како армијата и полицијата ќе асистираат во болниците, во изградба на монтажни болници и дополнителна инфраструктура, транспорт на пациенти, но и секаде каде што ќе може да помогнат.
За тоа во која мера ќе се користи Армијата ќе одлучува Управувачкиот комитет и Главниот штаб а дозвола може да даде само Врховниот командант, претседателот Стево Пендаровски.
Она што е нејасно е како ќе функционираат приватните здравстени установи кои имаат можност да ги стават своите капацитети за третмат на заболени од Ковид - 19. Денеска министерот за здравство имаше состанок со претставници на три приватни клиники, каде во моментов цените за лекување се десеткратно повисоки од ноие во јавното здравство,но договор или решение немаше и тие повторно ќе се сретнат во недела.
„Разговорите беа конструктивни, а приватните болници изразија позитивен став во однос на користење на нивните ресурси од страна на државата за справување со пандемијата. Со оглед на тоа што за прв пат државата заедно со приватните здравствени институции треба да направи реорганизација за справување со ковид кризата во време на пандемија, дополнителни прецизирања на условите, начинот на користење на ресурсите на приватните здравстевени установи ќе бидат договорени на следниот состанок закажан за в недела. Дотогаш на формализирање на соработката работат тимовите од МЗ и приватните болници“, соопштија од здравство.
Во последното деноноќие се регистрирани 1.237 новозаболени и 39 починати е билансот од епидемијата на Ковид - 19 во последното деноноќие во Северна Македонија. Направени се 3.200 тестирања од кои 38,6 отсто се позитивни. Од почетокот на епидемијата битката со вирусот ја загубија 1.462 лица а во моментов се активни 20.035 случаи
Болничките капацитети се речиси исполнети а во моментов има околу 120 слободни кревети. Во Ковид центрите се хоспитализирани 826 пациенти а вкупната бројка на хоспитализирани заболени ил суспектни на Ковид - 19 е 1.285.
Facebook Forum