Блокадата од Бугарија влезе на листата главни причини поради кои опозицијата бара оставка од актуелната Влада. Противењето на Софија за усвојување на предлог-преговарачката рамка за земјава, покрај корона-ситуацијата и економските последици од пандемијата се аргументите на ВМРО-ДПМНЕ за барањето да за формира експертска влада.
„Сметаме дека проектот наречен Зоран, Венко и Никола Димитров треба да си дадат оставка. Зошто? Затоа што во државата имаме најтешка ситуација од независноста до денес, и за граѓаните, и за здравствениот сектор, и за економскиот сектор, но за жал и за евро перспективата. Сметам дека со нивната оставка ние ќе можеме како држава да создадеме можност да формираме Влада на експерти која што ќе може подобро да се носи и во здравството, и во економијата, и во евроинтеграциите“ вели Антонио Милошоски од ВМРО-ДПМНЕ.
Сличен е ставот и на албанската опозиција – Алијанса за Албанците и Алтернатива бараат оставка. Од владата веќе соопштија дека за оставки не се размислува. Во фокусот на владиниот врв е изнаоѓање модус за надминување на ситуацијата и одоброволување на Софија чија владејачка елита, засега не покажува знаци за попуштање од тврдата позиција.
За можноста, сепак до крајот на годината да се одржи првата Меѓувладина конференција ЕУ - Северна Македонија, денеска разговарале премиерот Заев и евроамбасадорот во земјава, Дејвид Гир.
„Премиерот и амбасадорот се согласија дека треба да се направат сите напори за операционализирање на историската одлука на Европската Унија за отворање преговори со Северна Македонија, со цел одржување на првата меѓувладина конференција до крајот на 2020 година за време на германското претседателство со ЕУ. Амбасадорот Гир исто така ја истакна важноста на постојаните напори за решавање на отворените билатерални прашања“ – соопштуваат од премиерскиот кабинет.
Дека, и покрај блокадата, се уште се не е загубено вели и шефот на дипломатијата.
„Се додека постои таква консензуална желба на граѓаните за европска унија, нема преча која што може да не застане на тој пат. Треба да бидеме подготвени дека влегуваме во тешка фаза на преговори“ вели Бујар Османи, министер за надворешни работи.
Засега не се прецизира што би претставувало основа за можно решение и што тоа би содржело за Бугарија да се согласи и даде „зелено светло“ за почеток на преговорите со ЕУ.