Линкови за пристапност

Анализа: што ќе значи повлекувањето на американските трупи за иднината на Авганистан?


Неодамнешнaта најава од Белата куќа дека САД дополнително ќе ги повлечат своите воени сили од Авганистан ја зголеми загриженоста.

Не знаеме што ќе се случи со оваа земја
Жител на Кабул

Неодамнешнaта најава од Белата куќа дека САД дополнително ќе ги повлечат своите воени сили од Авганистан ја зголеми загриженоста кај некои Авганистанци кои се соочуваат со зголемено насилство во услови на застој на мировните разговори со талибанските бунтовници.

„Не знаеме што ќе се случи со оваа земја“, вели Мохамад Захир (35), дуќанџија во Кабул, кој, како и многу Авганистанци, го гледа присуството на САД како тампон што ги спречува милитантите да се вратат на власт и е од суштинско значење за финализирање на мировен договор по скоро две децении војна.

„Нашето очекување беше дека САД и меѓународната заедница воопшто, ќе помогнат во процесот и ќе заминат само по гаранциите од Талибанците дека ќе престанат да се борат“, изјави Захир за Гласот на Америка.

Во својата најава од 17 ноември за повлекување на 2.000 американски војници до 15 јануари со што ќе се намали бројот на американските сили во Авганистан на 2.500 војници, вршителот на должноста американски министер за одбрана Крис Милер рече дека забрзаното повлекување „не е еднакво на промена на американската политика или цели и дека Вашингтон„ ќе продолжи да стои со авганистанскиот претседател Ашраф Гани додека неговата влада работи кон спогодбено решение за мир.“

Преку соопштение за печатот, канцеларијата на Гани соопшти дека авганистанскиот лидер разговарал за мировниот процес со Милер, за зајакнување на меѓусебните односи и „континуираната значајна американска воена поддршка.“

Милер, поранешен директор на Националниот центар за борба против тероризмот, беше назначен за вршител на должноста секретар за одбрана минатата недела кога претседателот Доналд Трамп ненадејно го разреши поранешниот началник на одбраната Марк Еспер. Еспер испрати класифициран меморандум до Белата куќа претходно овој месец, изразувајќи загриженост за нагло повлекување во Авганистан, бидејќи насилството останува на високо ниво и мировните преговори се уште се водат, пренесе „Вашингтон пост“.

Одлуката за брзо повлекување на војската не изненади некои Авганистанци.

Абдула, 23-годишен студент по право на универзитетот во Кабул, кој користи само едно име, потсети дека Трамп во октомври ги објави своите намери за целосно повлекување на војската на САД до Божик.

Сепак тој е загрижен „што САД ќе го напуштат Авганистан без да чекаат да започнат мировните разговори.“

САД почнаа да ги намалуваат своите сили откако потпишаа мировен договор со Талибанците на 29 февруари, најавувајќи фазно повлекување на сите американски сили до следниот мај.

Договорот меѓу САД и Талибанците исто така предвидува Талибанците да ги прекинат врските со Ал Каида како дел од политичкото решение.

Американските власти во минатото изјавуваа дека целосно повлекување на американските трупи од Авганистан би се случило само доколку Талибанците ги исполнат сите услови утврдени со договорот.

Во јунскиот извештај на Обединетите Нации беше заклучено дека талибанците продолжуваат да засолнуваат стотици оперативци на Ал Каида во авганистанските области што ги контролира групата.

Талибанците би помислиле дека можат да ги постигнат своите политички цели борејќи се со владините сили
Шинкаи Карохил, член на долниот дом на авганистанското собрание

Шинкаи Карохил, член на долниот дом на Авганистанското национално собрание, за Гласот на Америка изјави дека повлекувањето на САД веројатно уште повеќе ќе ги комплицира мировните разговори во следните недели, бидејќи насилствата на милитантите продолжуваат да растат.

„Талибанците би помислиле дека можат да ги постигнат своите политички цели борејќи се со владините сили“, рече Карохил. „САД требаше одговорно да се повлечат“, додаде тој. „Требаше да се чека да се осигура дека Талибанците ќе ги исполнат своите ветувања и ќе ги исполнат условите утврдени во договорот.“

Според договорот меѓу САД и Талибанците, интра-авганистанските преговори имаат за цел постојан прекин на огнот и утврдување на патоказ за иднината на Авганистан.

Преговорите достигнаа ќор-сокак, бидејќи обете страни не успеаја да постигнат компромис околу исламската судска пракса и дали договорот би послужил како основа за натамошни разговори.

Карохил рече дека целосното повлекување на американските трупи од Авганистан пред Талибанците да се согласат на мировен договор, групата ќе го прослави како победа, охрабрувајќи ја да спроведе нов бран насилство против владините сили.

„Ова значи дека борбите ќе продолжат, во кои цивили, талибански и авганистански сили ќе бидат убиени“, рече тој.

Во последните месеци насилствата се зголемија во цел Авганистан. Талибанската офанзива против владините сили во провинцијата Хелманд расели најмалку 35.000 минатиот месец, според мисијата за помош на ОН во Авганистан.

Специјалниот генерален инспектор на САД за реконструкција на Авганистан на 5-ти ноември изјави дека нападите на антивладините сили се зголемени за 50% во третиот квартал од годината, во споредба со вториот квартал.

Авганистанските власти претходно изјавија дека војската на земјата е способна да брани од милитантната агресија откако странските трупи ќе ја напуштат земјата.

Вршителот на должноста министер за одбрана Асадулах Калид во вторникот рече дека авганистанските сили самостојно спроведуваат 96% од операциите, додавајќи дека добиваат воздушна поддршка од меѓународните сили „кога е потребно“.

Не сме подготвени
Атикулах Амархил, воен аналитичар и пензиониран генерал

Некои авганистански воени експерти, сепак, велат дека авганистанските сили се уште имаат потреба од голема надворешна поддршка против Талибанците.

„Не сме подготвени“, рече за Гласот на Америка, Атикулах Амархил, воен аналитичар и пензиониран генерал на авганистанската армија.

Амархил рече дека одлуката на САД да се повлечат е повик за будење на авганистанските сили, кои на крајот ќе мора да ја намалат зависноста од странска поддршка.

„На авганистанската влада е да преземе одговорност и да обезбеди безбедност“, рече тој.

XS
SM
MD
LG