Американската фармацевтска компанија Pfizer соопшти дека нивната вакцина за корона вирус е 95% ефикасна и не предизвикува сериозни несакани ефекти. Компанијата планира да побара итно одобрување за користење на вакцината.
Pfizer ги соопшти резултатите по конечната анализа на третата фаза од клинички испитувања која исто така утврди дека вакцината ги заштитува и повозрасните луѓе кои се под најголем ризик за смртен исход при инфекција со Ковид-19.
Ова соопштение доаѓа една недела откако беа објавени првичните ветувачки прелиминарни резултати и неколку дена пред официјално да биде побарано одобрување од федералната влада.
Pfizer се уште нема објавено детали за испитувањето и резултатите не се потврдени од независни експерти.
Pfizer и BioNTech, германска биотехнолошка компанија која соработува на со Pfizer на развој на вакцината, соопштија дека планираат да произведат до 50 милиони дози годинава и 1.3 милијарди во 2021-та.
Pfizer исто така соопшти дека ќе ги достави резултатите од испитувањето и до други регулаторни агенции низ светот.
Биотехнолошката компанија Moderna претходно неделава соопшти дека нивната привремена анализа на клиничкото испитување покажала дека експерименталната вакцина има ефикасност од 94.5%.
Американските власти велат дека се надеваат оти Moderna и Pfizer ќе произведат 20 милиони дози за дистрибуција во декември, а првите дози би биле понудени на ранливите категории како здравствените работници и оние со сериозни здравствени проблеми.