Линкови за пристапност

Повеќе американски сојузни држави воведуваат нови рестриктивни мерки


Њу Орлеанс ја откажа парадата Марди Гра. Портпарол на градот соопшти дека прославата, која требаше да одржи на 16-ти февруари, не може да се случи со моменталните ограничувања на јавните собири.

„Ова не треба да биде изненадување за никого. Препораките се во сила подолго време“ изјави Беу Тидвел, портпарол на градот Њу Орлеанс.

Во Калифорнија Лос Анџелес нареди рестораните и баровите кои имаат летни тераси да го ограничат бројот на муштерии на 50% и да затвораат во 22 часот. Несуштинските продавници може да работат со само 25% од капацитетот додека фризерниците и сличните бизниси може да работат само со закажување.

Новите правила стапуваат во сила во петок. Властите се подготвени да воведат и тринеделен карантин кој би дозволувал луѓето да излегуваат надвор само доколку имаат сериозна причина за тоа. Ова би било воведено доколку продолжи зголемувањето на нови случаи. Во последните две недели нивниот број се удвои.

Тимот на Белата Куќа за справување со корона вирусот во неделниот извештај предупреди дека има „агресивно, непопустливо ширење во заедницата низ целата земја.“ Зголемувањето на бројот на нови случаи доаѓа во време кога постои загриженост дека претстојниот Ден на благодарноста кој се паѓа на 28 ноември дополнително ќе ја влоши ситуацијата зашто луѓето ќе патуваат повеќе и ќе присуствуваат на семејни собири.

Гувернерот на Ајова нареди сите собири на затворено да бидат ограничени на најмногу 15 луѓе, а рестораните и баровите да затвораат во 22 часот.

И Мериленд и Охајо воведоа ограничено работно време до 22 часот а баровите и рестораните.

д-р Ентони Фаучи, водечкиот експерт за заразни болести, повика за поконзистентен пристап во борбата со вирусот.

„Ни требаат основни мерки за заштита на јавното здравје кои сите ќе треба да ги почитуваат, а не разногласие во кое една сојузна држава прави едно, а друга прави сосема друго“ рече Фаучи.

Изминатата недела Соединетите Американски Држави во просек бележеа по 150 илјади нови случаи на корона вирус на ден, покажуваат податоците од Универзитетот Џонс Хопкинс. Земјата има над 11.3 милиони потврдени случаи, најмногу во светот.

Американската Администрација за храна и лекови соопшти дека дала итно одобрување за првиот тест за Ковид-19 кој може да се користи во домашни услови.

За да се добие тестот кој го произведува Lucira е потребен рецепт. Резултатите се достапни за помалку од 30 минути. Сепак, Агенцијата предупредува дека негативниот тест не ја исклучува можноста дека лицето сепак е заразено со Ковид-19.

XS
SM
MD
LG