Линкови за пристапност

Пандемијата ги компликува плановите за Денот на благодарноста


Пред еден од најголемите празници за патување и собирање на семејствата и пријателите, здравствените стручњаци предупредуваат на ризиците.

Д-р Ентони Фаучи, врвниот експерт за инфективни болести во САД, нема да биде на собир со неговото семејство за Денот на благодарноста.

На 79-годишна возраст, Фаучи е изложен на зголемен ризик од заразување со Ковид-19. Неговите три возрасни ќерки „се загрижени за нивниот татко во поодминати години“, рече тој за телевизијата NBC, додавајќи дека не го сака то израз. Наместо тоа, неговото семејство ќе имало виртуелна вечера.

Пандемијата со Ковид-19 ги комплицира плановите за празникот за многу семејства во државата. Со над 240.000 мртви од коронавирус и инфекции чии бројки продолжуваат да растат според Универзитетот Џонс Хопкинс, секое семејство ќе мора да донесе одлука дали ќе се собере, рече Фаучи.

„Особено кога тие собири вклучуваат постар член на семејство или некој со здравствени проблеми како што се дијабетес, дебелина, рак или срцеви заболувања кои го зголемуваат ризикот од сериозни болести, прашајте се: Дали вреди собирањето кога не знаете дали некој е инфициран од присутните...“, рече Фаучи за мрежата ЈАМА.

Пробивање на меурот

За време на овој празник обично најпрометниот период за патување во годината, во САД. Околу 50 милиони Американци патуваат 50 милји или повеќе за да имаат оброк со пријателите и семејството, според автомобилската и патничката група ААА.

Традиционалните собири на Денот на благодарноста се одличен начин за ширење на коронавирусот.

Експертите советуваат ограничување на интеракциите на една група луѓе, што се нарекува „меур“, со други. Помал контакт со луѓе надвор од меурот значи помала можност за инфекција.

Денот на благодарноста спојува такви „меури“, доведувајќи луѓе во близина кои нормално би биле далеку едни од други и се со непозната изложеност на вирусот.

На пример, забележуваат експертите, студентите кои се враќаат дома од универзитетите може да носат вирус без да знаат. Помладите имаат поголема веројатност да имаат асимптоматски инфекции.

И самиот чин на патување носи ризици.

Полни автобуси и возови со слаба вентилација даваат можности за инфекција. Подолго патување, повисок ризик.

Патувањето со авион е помалку јасно.


„Слушаме различни извештаи за патување со авион“, рече Фаучи. Еден извештај, вели тој, посочува дека воздухот во авионот брзо циркулира, често се обновува и се чисти со филтри што се користат во болниците.

Но тој исто така спомна неодамнешен извештај според кој 13 лица се заразиле со Ковид-19 по речиси празен лет за Ирска.

Опасностите започнуваат пред качувањето во авион, воз или автобус, истакна професорот за инфективни болести на Универзитетот Дјук, Камерон Волф.

„Уште при чекањето на аеродром, заедно со многу други луѓе“, рече тој.

Опасна прослава

Собирањето на семејството и пријателите во затворено за подолг временски период ги зголемува шансите за ширење на вирусот.

Тоа веќе се случува, рече Фаучи.

„Ако погледнете низ земјата, многу од инфекциите се случиле во мали семејни и пријателски дружења, како што се вечери и мали социјални групирања“, рече тој.

„На овие невини, семејни и пријателски собири, од шест, осум, 10 луѓе во нечиј дом, може да има една личност која е асимптоматска, но заразена, и може веднаш да зарази четири или пет лица на тој собир.

„За мене, тоа изгледа како сценарио за Денот на благодарноста“, рече Фаучи.

Така беше во Канада, каде се прослави Денот на благодарноста на 12 октомври и набрзо потоа се појави скок на нови случаи.

Ова пред новинарите го рече Хауард Нџоу, заменик-главен службеник за јавно здравје во Канада на 27 октомври. „Нашите активности се важни“.

Намалување на ризиците

Најбезбеден начин да се прослави празникот е со мала група на најблиски членови на семејството, според Американските центри за контрола и превенција на болести (CDC) .

Поголеми групи луѓе може да го намалат ризикот ако се собираат на отворено. Ако тоа е невозможно, отворањето на прозорците може да помогне за побрза циркулација на воздухот.

Покуси собири се подобри, вели CDC. Избегнувајте гужви. Стоите на 2 метри од други луѓе.

Носете маска. Здравствените власти нагласуваат дека маските ги штитат другите од вирусот што носителот може да го издише без да знае за тоа. CDC вели дека има се повеќе докази дека маската исто така го штити носителот. Тестирањето пред патување може да биде корисно, но експертите апелираат на претпазливост.

Повеќето брзи тестови не се многу ефикасни за луѓе кои не покажуваат симптоми, забележуваат тие. Дури и најдобрите тестови можат да пропуштат рана инфекција. Освен тоа луѓето можат да се заразат во времето помеѓу тестот и пристигнувањето за прослава на Денот на благодарноста.

XS
SM
MD
LG