Линкови за пристапност

Пандев: „Овој сон сега стана реалност“


Во клучниот бараж натпревар македонските фудбалери извојуваа победа над домаќинот, репрезентацијата на Грузија, со која се пласираат на Европското првенство кое ќе се одржи идната година. Нацијата го слави историскиот успех

СКОПЈЕ - “Одигравме одличен натпревар, пласманот на ЕП 2020 е сон на сите нас, пресреќни сме што овој сон сега стана реалност. Јас само сакав да им помогнам на овие момци, ова е фантастична група од млади фудбалери кои го заслужуваат овој успех. Јас дадов се од себе, имам најмногу важни натпревари од сите во репрезентацијата, затоа и седнав со нив, ги советував. Одигравме мирно, не дозволивме да влеземе во еуфорија, особено во второто полувреме бевме одлични“.

Ова се зборовите на капитенот на македонската фудбалска репрезентација и стрелецот на победничкиот гол, Горан Пандев, по историската победа во Тбилиси над домаќинот Грузија со која македонската фудбалска репрезентација оствари историски успех и се пласираше на европското првенство во фудбал кое ќе се одржи идната година.

Решавачкиот момент се случи во 56-тата минута кога Пандев ја затресе мрежата на Грузија во акција на која и претходеа неколку феноменални подавања од соиграчите Елмас и Несторовски.

Селекторот Игор Ангеловски - Мрме кој со солзи го проследи последниот свиреж на судијата не штедеше пофални зборови за капитенот Пандев и репрезентацијата.

„Благодарам на честитките, но тие одат до моите фудаблери. Не само овие кои се тука. Едно момче сега лежи во кревет, тоа е Енис Барди, а со нас не се ниту Кире, Крста и Буба, но и тие се дел од овој успех. Македонија имаше еден херој кој го оспоруваа – Александар Велики. Но, никој не може да го оспорува Горан Велики“, изјави Ангеловски.

Претседателот Стево Пендаровски е меѓу првите кои им честиташе на македонската фудбалска репрезентација за победата во мечот со Грузија, со која се пласираше на Европското првенство.

„Историски успех на македонската фудбалска репрезентација! Браво момци, се гордееме со вас! Одиме на Европско!“, напиша Пендаровски на својот фејсбук-профил.

Премиерот Заев и министерот Филипче исто така честитаа преку социјалната мрежа „Фејсбук“.

Фудбалските репрезентативци ќе добијат по 10.000 евра награда од државата за пласман на Европското првенство во 2021.

Европското првенство се игра во јуни и јули идната година. Репрезентацијата на Северна Македонија ќе игра во група со репрезентациите на Холандија, Австрија и Украина. Според распоредот првите два натпревари нашата репрезентација ќе ги игра на 13 и 17 јуни во Букурешт а потоа се сели во Амстердам каде на 21 јуни игра против домаќинот Холандија.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG