Демократот Џо Бајден, проектираниот победник на долгите американски претседателски избори против актуелниот републикански претседател Доналд Трамп, брзо почна да се подготвува за преземање на американската влада кога ќе биде инаугуриран на 20-ти јануари и за враќање на старо на некои клучни политики на Трамп.
Потегот доаѓа откако Трамп го оспори резултатот на изборите на 3-ти ноември преку судски постапки, тврдејќи, без докази, дека имало нерегуларности во гласањето во неколку држави каде Бајден добил тесно мнозинство и сите нивни изборни гласови, што би го променило резултатот и ќе му даде втор мандат.
Новоизбраниот претседател Бајден и неговиот избор за потпретседатско место Камала Харис, објавија веб страница за нивната транзиција на власта во неделата, велејќи дека веднаш ќе се фокусираат на пандемијата со коронавирус, климатските промени и системскиот расизам.
„Се подготвуваме да водиме од првиот ден, обезбедувајќи администрацијата Бајден-Харис да може да се заземе за најитните предизвици со кои се соочуваме: заштита и зачувување на здравјето на нашата нација, обнова на нашите можности за успех, напредок на расната еднаквост и борба против климатската криза.“
Тие објавија „Ние стоиме како една Америка. Ќе се издигнеме посилни отсекогаш“.
Бајден во понеделник објави формирање на 13-член советодавен панел за коронавирус во копретседателство на поранешниот главен здравствен советник Д-р Вивек Мурти, поранешниот комесар на администрацијата за храна и лекови д-р Дејвид Кеслер и професор и декан на Универзитетот Јејл д-р Марчела Нунез-Смит.
„Справувањето со пандемијата на коронавирус е една од најважните битки со кои нашата администрација ќе се соочи и јас ќе бидам информиран од науката и од експерти“, рече Бајден во изјавата.
Бајден за време на кампањата редовно го напаѓаше Трамп за начинот на справување со пандемијата, додека бројот на смртни случаи стана водечки во светот, на 237.000, според Универзитетот Џонс Хопкинс. Трамп последниве недели имаше кажано дека за САД „ најлошото поминало“ во однос на Ковид-19.
За време на последната недела, САД во просек имаа повеќе од 100.000 нови случаи на коронавирус дневно.
Интернет страницата за транзиција на Бајден-Харисобјави план од седум точки против коронавирусот, вклучувајќи „редовно, сигурно и бесплатно тестирање“ за сите Американци, „ефикасна и подеднаква дистрибуција на третмани и вакцини“ кога тие ќе бидат достапни и обид да се имплементира задолжително носење маски на што многумина се противат зашто сметаат дека е завлегување во нивните индивидуални слободи.
Соработниците велат дека на првиот ден на функцијата Бајден планира да ги приклучи САД на Парискиот климатски договор од кој Трамп се повлече и дека ќе ја поништи одлуката на Трамп за повлекување од Светската здравствена организација.
Бајден планира да ја поништи забраната за речиси целото патување од некои претеежно муслимански држави, и повторно да ја врати програмата што овозможува млади луѓе, често нарекувани “Dreamers,” кои илегално биле донесени во САД како деца, да останат во државата.
За време на кампањата Бајден исто така кажа дека има планови повторно да се приклучи на меѓународниот договор за спречување на Иран да развива нуклеарно оружје што Трамп го напушти.
Трамп одби да признае пораз од Бајден.
Кампањата на Трамп поведе неколку судски постапки започнувајќи во понеделник, иако има малку извештаи за нерегуларности за време на гласањето од вторникот или од деновите кога се пребројуваа гласовите, што сеуште трае, иако резултатот во речиси сите 50 држави не е спорен.