Поранешниот потпретседател Џо Бајден според најновите проекции е победник на американските претседателски избори и би требало да биде инаугуриран на 20-ти јануари, со тоа тој би бил најстариот лидер на земјата, со наполнети 78 години.
Бајден доаѓа од Демократската Партија, 36 години беше член на Сенатот, а 8 години беше потпретседател, во време на администрацијата на Барак Обама.
Последните проекции на новинските агенции покажуваат дека тој го победи Доналд Трамп по долга и жестока кампања.
Според проекциите Бајден во моментот има повеќе од 270 електорски гласови колку што е најмалку потребно за победа.
Резултатите се уште не се официјално потврдени, а дел од нив се оспорени и пред судовите.
Кампањата на Трамп веќе обвини за гласачка измама и најави уште повеќе жалби, додека од кампот на Бајден порачаа дека овие тврдења се неосновани.
Законот предвидува дека сите судски спорови кои произлегуваат од изборите мора да бидат решени до 8 декември. На 14-ти декември 538-те електори треба да се состанат и да ги пренесат своите гласови со што официјално завршува оваа фаза од процесот. Инаугурацијата на претседателот треба да се случи на 20-ти јануари.
Инаку на национално ниво Џо Бајден има преку 74 милиони гласови, а Доналд Трамп 69 милиони. Гласале преку 150 милиони Американци со што излезноста на овие избори е највисока во историјата на Соединетите Држави.