Линкови за пристапност

Рекордни 1.275 заболени во едно деноноќие, слободни кревети речиси и да нема


Капацитетите во Гостивар, Велес, Прилеп и „8 Септември“ се исполнети. Во другите болници има место за по неколку пациенти. Во Скопје речиси шест илјади заболени, 20 други градови со трицифрен број на активни случаи. Претседателот Пендаровски нареди - Армијата се вклучува во справување со епидемијата

СКОПЈЕ - Единаесет слободни кревети во болницата во Кавадарци, осум слободни кревети во Клиниката во Битола, девет на Клиниката за Гинекологија, шест во Институтот за тубекулоза, по три во Куманово и во Штип, еден во Охрид. Нема кревети во Градската болница „8 септември и во болниците во Гостивар, Велес и во Прилеп. Вака утрово изгледаа капацитетите на здравствениот систем кои речиси се исполнети до последно место. Попладнево пак, нов црн рекорд 1.275 новозаболени во само едно денонноќие а бројката на заболени чија слика е тешка и ќе мора да се хоспитализираат доправ ќе се зголемува.

Гласот на Америка побара детална состојба за секој болнички капацитет во државата и бројката на хоспитализирани пациенти. Според извештајот, заклучно со утрово, во државата има помалку од педесетина слободни кревети. Од министерството за здравство појаснуваат бројката не е фиксна, ќе има исписи во текот на денот и ќе се отворат нови места.

На Инфективната клиника која заедно со модуларната болница имаат капацитет од 182 пациенти има 158 пациенти од кои 131 се на кислородна поддршка.

Во Градската болница каде се отворија дополнителни одделенија за заболени од Ковид - 19, има 79 хоспитализирани пациенти од кои 13 се приклучени на респиратор и нема слободни кревети. На Институтот за турекулозани заболувања има 44 пациенти и само 6 слободни кревети. Во Детската клиника во Козле има 32 пациенти, еден слободен кревет за возрасни пациенти и по пет кревети за деца и мајки придружнички. На Клиниката за Гинекологија и акушерство (ГАК) има три пациентки и уште девет слободни кревети. Ваква е состојбата во Скопје каде се прават напори за отварање н а дополнителни капацитети на речиси сите одделенија во клиничкиот центар „Мајка Тереза“.

Во другите градови низ државата состојбата е исто толку критична. Слободни кревети или нема или се бројат на прсти.

Во болницата во Велес каде се 54 хоспитализирани позитивни пациенти, 6 сомнителни и 6 негативни пациенти нема повеќе слободни кревети за прием. Осумнаесетиман се на кислородна поддршка.Слободни кревети нема ниту во Гостивар каде има 26 пациенти. Иста е состојбата во прилепската болница каде има 58 пациенти и во моментов се работи на отварање на дополнителни одделенија.

Критично е во Охрид каде има само еден слободен кревет а хоспитализирани се 80 пациенти од кои 11 се на кислородна поддршка. Ковид-центар ќе биде и Нервното одделение во болницата.

Интерното одделение во струшката болница е полно. Хоспитализирани се 18 пациенти а за прием на нови се подготвува детското одделение.

Во Штип каде има 52 пациенти има три слободни кревети а исто е и во болницата во Кочани каде има 22 хоспитализирани и три слободни кревети. Во оваа установа, доколку има нов наплива на заболени ќе се преадаптира и одделението за физикална терапија. Место за уште само тројца пациенти има и во Куманово.


Во болницата во Струмица каде веќе се отворија дополнителни одделенија има 111 пациенти. 44 хоспитализиранисе позитивни или сомнителни пациенти а 57 пациенти се лечат во дневната болница. Директорот на болницата д-р Наќе Гогов потврди дека девет лекари и медицински сестри и тројца техничари моментнално се во изолација бидејќи се позитивни на коронавирус и со тоа се усложнува отварањето на дополнителниот оддел за прием на ковид-пациенти во новото болничко крило.

Нешто подобро е во Битола каде се хоспитализирани 71 пациент во тамошната Клиника и каде има уште 8 слободни кревети а иста бројка на кревети има и во Кичево. Со најголем слободен капацитет во моментов располага болницата во Кавадарци каде има 11 слободни кревети а веќе се хоспитализирани 39 лица.

Во Клиничкиот центар во Тетово се хоспитализирани 31 пациент но нема податоци со уште колку легла се располага за заболени од Ковид -19.


Притисокот врз здравствениот систем и капацитети а особено врз лекарите и медицинскиот персонал продолжува да расте. Девет приватни интернисти се одзваа на повикот на министерот за здравство Венко Филипче, прифатија да им помагаат на своите колеги во државните болници и чекаат распределба во државните болници.

Епидемијата на коронавирусот продолжува неконтролирано да се шири на територијата на Северна Македонија и во последното деноноќие се регисртрирани досега рекордни 1.275 новозаболени. Направени се 3.331 тест од кои 38,2 отсто се позитивни.

Во последните 24 часа 13 пациенти ја загубија битката со вирусот а бројката на жртви се искачи на 1.084 лица.

Во моментов активни се 12.762 случаи од кои речиси половина се во Скопје - 5.880. Трицифрени бројки на заболени има уште во 19 градови низ државата.

Претседателот Стево Пендаровски потпиша наредба за ангажман на дел од Армијата на Република Северна Македонија во справување со епидемијата на коронавирусот.

„Со оваа наредба, којашто стапува веднаш на сила, дел од ресурсите и од средствата на Армијата ќе се ангажираат како невооружени сили на извршување на задачи за поддршка на институциите на државата при справување со последиците од пандемијата на Ковид-19“, соопштија од претседателскиот Кабинет.

Генералштабот на Армијата ќе ангажира сили и средства за медицинска поддршка на работата на здравствените установи и центри на Министерството за здравство, транспорт на заштитни и медицински средства и опрема. Армијата ќе помага и за обезбедување на магацински простор за складирање на заштитни и медицински средства и опрема, поставување на шатори и друг вид на сместувачки капацитети наменети за лекување на заболени лица, како и за дезинфекција на простории и површини.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG