Линкови за пристапност

Останува неизвесно – се пребројуваат гласовите во клучни сојузни држави


Сè уште се чекаат резултатите од неколку клучни сојузни држави кои треба да дадат појасна слика за победникот на американските претседателски избори. Според проекциите засега Џо Бајден има 253 а Доналд Трамп 213 од потребните 270 електорски гласови.

Според проекциите од синоќа Бајден победи во уште две држави, а штабот на Трамп започна серија правни спорови.

Нема конечен победник уште во шест држави - во Алјаска, Аризона, Џорџија, Невада, Северна Каролина и Пенсилванија.

Откако беше објавено дека Бајден има повеќе гласови во Мичиген и Висконсин, две држави во кои во 2016-та победи Трамп, кандидатот од Демократската Партија се обрати до јавноста.

„Не сум овде за да објавам дека победивме, но сум овде за да кажам дека кога ќе заврши броењето, веруваме дека ние ќе бидеме победници“ рече Бајден.

Од штабот на Трамп соопштија дека ќе побараат пребројување на гласовите во Висконсин каде Бајден води со околу 20.000 гласови, а поднесоа и жалба со која бараат да запре броењето во Мичиген каде Бајден води со 135.000 гласови.

Се разгледува опцијата и за барање за запирање на броењето на гласачките ливчиња пратени по пошта во Пенсилванија, држава во која Трамп во еден момент имаше околу 389.000 гласови предност.

Штабот на Трамп поднесе жалба и во Џорџија и од судот побара да им нареди на изборните власти да го почитуваат законот за начинот на чување и броење на гласачките ливчиња дадени во отсуство, пренесе АП.

Сојузните држави не прогласуваат победник додека не се избројат сите гласачки ливчиња, но новинските агенции прават проекции за победниците кога ќе заклучат дека се преброени доволен процент од гласовите за да не може да има промена во конечниот исход.

Според Едисон Рисрч и АП Бајден досега има 71.6 милион гласови на национално ниво, а Трамп има 68.1 милиони.

XS
SM
MD
LG