Со воен транспортен авион денеска во Скопје пристигна медицинска помош од НАТО наменета за справување со пандемијата на ковид-19.
Помошта е донација од доверителниот фонд на Алијансата вредна 1,4 милион евра. Станува збор за 60 респиратори.
„Респираторни машини кои се користат за транспорт на пациенти во амбулантни возила, од една болница во друга, нешто што значајно ќе го зајакне нашиот здравствен систем“ изјави министерот за здравство, Венко Филипче.
„Денеска можеме да видиме зошто беше многу важно С. Македонија да стане членка на НАТО и да видиме како овој најмоќен сојуз значи солидарност не само на збор, туку и на дело“ рече министерката за одбрана, Радмила Шекеринска.
Оваа помош ја најави генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, за време на посетата на владината делегација на седиштето на Алијансата на почетокот на октомври. Столтенберг тогаш, меѓу другото порача дека НАТО нема да дозволи здравствената да стане безбедносна криза.