Линкови за пристапност

Пет дена до изборите - Трамп и Бајден продолжуваат со кампањата


На неколку денови пред претседателските избори Доналд Трамп и Џо Бајден ја фокусираат кампањата во југоисточната сојузна држава Флорида.

Во сите изборни циклуси од 1996-та наваму оној кој победил во Флорида победил и на изборите. Оваа сојузна држава дава 29 од 270-те електори потребни за победа.

Претседателот Доналд Трамп претпладне има собир во Тампа, а попладне заминува за Северна Каролина.

Неговиот противкандидат Џо Бајден ќе зборува пред поддржувачите во областа Бровард а потоа и во Тампа.

Според просекот од спроведените анкети анализиран од Real Clear Politics Трамп заостанува зад Бајден во Мичиген, Пенсилванија и Висконсин додека двајцата кандидати се изедначени во Флорида и Северна Каролина.

Трамп во средата изрази сомнеж за анкетите и пред новинарите во Лас Вегас рече дека неговите бројки во клучните сојузни држави се подобри од она што се прикажува.

„Резултатите од анкетите се навистина добри. Не ги гледате вистинските бројки од анкетите“ рече Трамп.

Анкетите на национално ниво покажуваат дека Бајден има предност пред Трамп од 7 до 8 процентни поени, но оваа маргина е двојно помала во клучните сојузни држави кои веројатно ќе го одредат победникот.

Бајден во средата повторно го критикуваше Трамп зашто организира големи собири на отворени среде пандемија велејќи дека митингот од претходната вечер одржан во Омаха, Небраска „остави со часови стотици луѓе вклучувајќи и повозрасни Американци како и деца во температури под нулата, а неколкумина завршиле во болница.“

Над 71 милион луѓе веќе гласале, на пет дена од официјалниот изборен ден. Околу две третини од овие гласови се испратени по пошта, а останатите се дадени лично онаму каде гласачките места се веќе отворени.

Експертите велат дека излезноста на овие избори може да биде највисока од 1908-та година кога на гласање излегле 65% од граѓаните.

XS
SM
MD
LG