Линкови за пристапност

71 милиони Американци веќе гласале – кампањата продолжува


Американците веќе гласаат за претседателските избори кои се закажани за во вторник. Високите бројки на рано гласање се комбинација на силните чувства кон двајцата главни кандидати, ни и обид да се одбегне метеж на самиот ден на изборите, пред се поради пандемијата со корона вирус.

Над 71 милион луѓе веќе гласале, на шест дена од официјалниот изборен ден. Околу две третини од овие гласови се испратени по пошта, а останатите се дадени лично онаму каде гласачките места се веќе отворени.

Експертите велат дека излезноста на овие избори може да биде највисока од 1908-та година кога на гласање излегле 65% од граѓаните.

Доналд Трамп и Мајк Пенс и Џо Бајден и Камала Харис продолжуваат со своите завршини активности во финишот од кампањата.

Трамп и Харис водат кампања во Аризона, сојузна држава на границата со Мексико каде Доналд Трамп победи во 2016-та кога негов противник беше Хилари Клинтон. Анкетите во оваа држава каде кандидат од Демократската Партија за последен пат победил во 1996-та сега покажуваат благо водство за Бајден. Оваа држава дава 11 од потребните 270 електорски гласови за победа на изборите.

Трамп попладнево има два собири во Аризона.

Харис се среќава со бизнисменки од латиноамериканско потекло како и со афроамериканските лидери, а ќе има и говор на собир на кој настапува поп пејачката Алиша Кис.

Гласовите во Аризона се значајни и за Трамп и за Бајден за да можат да извојуваат победа на изборите зашто резултатот не зависи директно од мнозинството на гласачи туку од индиректната форма на демократија наречена Изборен Колеџ во кој електорите ги пренесуваат гласовите од секоја сојузна држава поединечно.

Вообичаено, сите електорски гласови од една сојузна држава одат на контото на оној кандидат кој освоил најмногу гласови таму, а најнеселените држави имаат и најмногу електори во Изборниот Колеџ кој има 538 членови.

Анкетите на национално ниво му даваат предност на Бајден од 7 до 8 процентни поени во однос на Трамп, но само половина од таа маргина е во клучните сојузни држави кои веројатно ќе го одредат победникот преку електорите во Изборниот Колеџ.

XS
SM
MD
LG