Администрацијата на претседателот Доналд Трамп го намали бројот на бегалци за кои ќе дозволи населување во САД наредната година на само 15 илјади, рекордно мал број откако постои модерната програма за бегалци на земјата, пренесе Ројтерс.
Претседателот Доналд Трамп го финализираше планот во кој ќе бидат вклучени и 6 илјади неискористени места од годинава „кои можеби ќе беа искористени доколку не постоеше пандемијата со Ковид-19.“
Во соопштението претседателот вели дека новите бегалци треба да бидат сместени од Стејт Департментот во делови од земјата кои можат да ги прифатат.
„Новопримените бегалци треба да бидат сместени, колку што е можно повеќе, во сојузни држави и места кои јасно имаат изразено волја да примат бегалци и да бидат населени во заедници кои сакаат и можат да ја поддржат нивната успешна интеграција во општеството и во работната сила“ се наведува во соопштението од Трамп.
Критичарите велат дека Трамп ја напушти долготрајната улога на САД како безбедно место за луѓето кои се прогонувани и дека намалувањето на бројот на бегалци кои ќе бидат примени ги поткопува целите на надворешната политика на САД.
Ривалот во претседателските избори, Џо Бајден, се заложи дека доколку го победи Доналд Трамп ќе го зголеми бројот на бегалци кои се примаат на 125 илјади годишно.
Десетици илјади апликации на бегалци чекаат во системот на САД и покрај тоа што зголемените проверки од администрацијата и пандемијата го успорија бројот на нови пристигнувања во 2020-та која имаше квота од 18 илјади луѓе.
Планот на Трамп за 2021-та предвидува 5 илјади позиции за бегалци кои се соочуваат со верски прогон, 4 илјади за бегалци од Ирак кои им помогнале на САД и илјада за бегалци од Ел Салвадор, Гватемала и Хондурас. Со тоа остануваат 5 илјади позиции за сите останати.
Цитирајќи ризик од тероризам планот забранува прифаќање на бегалци од Сомалија, Сирија и Јемен освен во случаи на „особена хуманитарна загриженост.“