Ураганот Зета удри на северниот дел од полуостровот Јукатан во Мексико носејќи силни ветрови и поројни дождови.
Американскиот Национален центар за урагани соопшти дека Зета пристигнала на копното со ветрови со брзина од 130 километри на час.
Прогнозите се дека ураганот ќе добие на сила додека се движи низ Мексиканскиот залив на Север, кон Соединетите Држави.
Предупредување за ураган веќе е издадено за Њу Орлеанс и Морган Сити во Луизијана.
Зета е втората бура која го погоди Мексико овој месец. Претходно ураганот Делта пристигна на полуостровот Јукатан на почетокот на октомври. Делта исто така стигна и до американската сојузна држава Луизијана која, пак, претходно во август беше погодена од ураганот Лаура.
Зета е 28-та именувана бура во оваа невообичаено активна сезона на урагани. Од септември метеоролозите започнаа да ја користат грчката азбука за именување на бурите, втор пат во историјата, откако со тропската бура Вилфред беа потрошени имињата од списокот кој вообичаено се користи, каде името на секоја нова бура започнува со нова буква.