Доаѓањето на првата вакцина за Ковид-19 нема да значи и фрлање на заштитните маски, велат експертите.
Користењето маски, социјалното дистанцирање и темелното миење на раце се уште ќе мора да продолжат и некое време по ова. Колку долго би било тоа зависи од повеќе фактори меѓу кои и колку ќе биде добра вакцината и колку ќе трае заштитата што ја обезбедува, прашања кои нема да бидат одговорени додека не започне дистрибуцијата.
Најпрвин, вакцината можеби нема да биде 100% ефикасна.
„Вакцината веројатно нема да биде оклоп кој нуди целосна заштита“ вели Вилијам Шафинер од медицинскиот центар на Универзитетот Вандербилт.
На пример, вакцините за сезонски грип имаат ефикасност од 10 до 60%.
Американската Администрација за храна и лекови го постави прагот за ефикасност на вакцината за Ковид-19 на 50%.
Делумно ефикасна вакцина би помогнала за групите со висок ризик како здравствените работници и оние со постоечки здравствени проблеми, но можеби не би била соодветна за целото население, вели поранешниот главен научник на Администрацијата за храна и лекови, Џеси Гудман кој е и професор за заразни болести на Универзитетот Џорџтаун.
„Секако тоа не би била вакцина со која идеално би имунизирале 300 милиони луѓе. Дури и сите да бидат имунизирани, тоа веројатно не би било доволно да се постигне колективен имунитет кој би го запрел ширењето“ вели тој.
Позитивно е тоа што дури и вакцина која не нуди совршена заштита би значела болест со помалку изразени симптоми и помала потреба за престој во болница. Луѓето кои добиваат вакцини за грип, дури и ако не се целосно ефикасни, имаат поблага форма на болеста од невакцинираните.
Од друга страна постои ризик вакцинираните несвесно да ја шират болеста, вели Гудман. Ова, според него, е најлошото можно сценарио.