Линкови за пристапност

Трамп и Бајден дебатираа последeн пат пред изборите


Темите за кои се произнесоа со дијаметрално спротивни ставови беа за коронавирусот, криминалот, имиграцијата, здравствената заштита

Американскиот републикански претседател и неговиот демократски предизвикувач, поранешниот потпретседател Џо Бајден, дебатираа во четвртокот навечер, само неколку дена пред националните претседателски избори на 3-ти ноември, претставувајќи ѝ на нацијата различни погледи за тоа каде би сакале да ја поведат државата во наредните четири години.

Дебатата траеше 90 минути. Тие се напаѓаа меѓу себе за ставовите во однос на ставање на коронавирусот под контрола и за намалување на стапката на смртност што е најголема во светот со цифрата од 222.000. Тие не се согласуваа во врска со здравствената заштита, платите на работниците со ниски примања, криминалот, расните односи во САД, климатските промени и лидерството во Белата куќа.

На крајот, Трамп кажа дека заслужува втор мандат во Белата куќа зашто „успехот ќе не` донесе поблиску. Ние имавме најдобра економија“, пред пандемијата да ја погоди државата на почетокот на 2020“ и дека тој ќе ја обнови најголемата светска економија.

Но тој тврдеше дека ако Бајден победи „Вие ќе имате депресија каква што никој не видел“.

Бајден, политичар со близу половина век кариера како сенатор и потпретседател на поранешниот претседател Барак Обама, повторително го нападна претседателствувањето на Трамп како без компас, без грижа за другите и хаотично - додека ветуваше дека ќе ја обедини повторно државата.

„Ние ќе имаме наука, а не фикција, и надеж наместо страв“, рече Бајден, „Овие избори за за чесност, чест и почит и третирање на луѓето со дигнитет. Вие тоа не го добивте во изминатите четири години“.

Додека двајцата кандидати добија важни поени за време на нивната последна средба, ниеден не изгледаше дека добил предност или дека му задал видлив удар на другиот што веднаш би го променил курсот на кампањата.

Дури и со острите напади на противникот, втората и последна дебата на 12 дена пред изборите беше многу поцивилизирана и помалку хаотична од нивното прво соочување на бината кон крајот на септември.

Водителката на дебатата, известувачка од Белата куќа за телевизијата NBC, Кристен Велкер, ја држеше дискусијата под контрола.

Двајцата кандидати, обајцата во нивните 70-ти години, се прекинуваа меѓусебно во четвртокот навечер, но не толку како пред три недели, делумно и заради тоа што независната Комисија за претседателски дебати наизменично ги исклучуваше нивните микрофони по две минути говор кога дискутираа по шесте прашања што им дозволи да одговорат без да бидат прекинувани од другиот.

XS
SM
MD
LG