Линкови за пристапност

Владата со нови рестриктивни мерки, се чека на Собранието да ги усвои претходните


Пратениците не го гласаа првиот пакет анти корона мерки како амандмани на Законот за заразни болести бидејќи опозицијата побара дополнително време. Болниците се полнат, здравствениот систем е оптеретен а бројките никако да паднат. Во последната недела регистриран најголем број на починати

СКОПЈЕ - Владата денеска го усвои новиот сет рестриктивни мерки кои ги предложи Комисијата според кои угостителските објекти ќе работат до 23 часот освен доставата, јавниот превоз да биде исполнет најмногу до 50 отсто и јавната администрација да работи во смени, редуцирано со ротации или со работа од дома.

„Владата денеска ја прифати и препораката целата државна и јавна администрација, општините и судовите, согласно принципот на работа и работниот процес, организирањето на работата да се одвива во смени или онлајн од дома или, пак редуцирано со систем на ротации зависно од карактеристиките на работниот процес на институциите“, соопштија од Владата.

Овие мерки стапуваат на сила и не треба да минат низ Собранието за разлика од претходниот сет на мерки кој минатата недела беше предложен од Комисијата а усвоен од Владата и предвидува носење маски на отворено, забрана за групирање по 22.00 часот, забрана за големи настани и максимум четворица гости во во домашни услови.

Денеска во Собранието требаше да се гласа за првиот сет анкти корона мерки кои требаше да бидат вметнати како нови амандмани во Законот за затштита на населението од заразни болести. Неофицијално одложувањето се должи на барањето на опозицијата која сака изврши увид во измените но и да достави свои предлози.

На ова реагираше министерот за здравство Венко Филипче кој побара од пратениците да покажат одговорност и итно да ги изгласаат мерките.

„Пратениците да покажат одговорност и што поскоро едногласно да се изгласаат двата пакети на мерки за заштита на населението и спречување на понатамошно ширење на вирусот. Барам сите сложно да испратиме порака на единство околу важноста за почитување на мерките. Тие се целосно издржани, базирани на анализите на Институтот за јавно здравје и на меѓународните искуства. Исти или слични мерки во моментов веќе се на сила во сите европски држави“, изјавиФилипче и нагласи дека нема повеќе време за одлагање бидејќи состојбата со вирусот е сериозна.

Тој неколку пати досега кажа дека ова е последните сет мерки и потоа следува воведување на карантин односно полициски час.

Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) денеска го објави неделниот извештај кој се однесува на периодот од 12 до 18 октомвори абројките во него се застрашувачки. За реиси 60 отсто поголем број на смртни случаи, за 20 отсто поголем број на новозаболени а од нив една третина не знаеле од кого биле заразени.

Регистирани се вкупно 2.676 новозаболени од кои повеќе од половина се во Скопје - 1.375. Бројот на нови случаи е зголемен за 19,3 отсто а регистрирани се во 34 градови низ државата.


Најмногу новозаболени има кај возрасната група од 30-39 години - 559 лица или 20,9%. Голем број на заболени се регистрира и кај возрасните групи од 40-49 години - 522 лица или 19,5% , од 20-29 години 470 лица или17,6% , над 60 години - 469 лица или 17,5 и групата од 50-59години каде има 443 лица или 16,6%.

Вкупно 96 нови случаи се хоспитализирани а 35,9 отсто односно 470 од новорегистрираните изјавиле дека имале контакт со позитивно лице додека останатите не знаат од кого се заразени.

Бројката на починати продолжува да расте. Во периодот од 12 до 18 октомври битката со вирусот ја загубија 49 лица, што е досега највисока бројка во една недела и е за 58 отсто повеќе од периодот од 5 до 11 октомври. Во однос на возраста, 38 лица биле над 60 години, 9 лица на возраст од 50-59 години и 2 смртни случаи се пријавени од возрасната група 40-49 години. Коморбидитети се регистрирани кај 35 починати лица.

Според категоризацијата на ризикот од Свестската здравствена организација (СЗО), Скопје, Струмица, Прилеп и Гевгелија се во фаза 4 или широко-распространета трансмисија во заедницата. Кочани, Свети Николе, Кичево, Кавадарци, Ресен, Берово, Пехчево, Валандово, Богданци, Тетово и Куманово се во фаза 3однонсо локализирана трансмисија додка во останатите градови низ државата се водат како спорадични случаи.

Во последните 24 часа се регистрирани 408 новозаболени во 26 различни града низ државата. Најмногу се во Скопје - 227 кој е и најголемото жариште на вирусот. Направени се 2.140 тестови а 19 отсто се позитивни.

„Починати се 4 лица, двајца пациенти од Скопје (64 и 77г), еден од Ресен (59г) и еден пациент од Битола (76г). Од нив еден пациент е починат вон болнички услови, останатите се починати во болница“, соопштија од министерството за здравство.

Со ова бројката на починати се искачи на 850 лица.

Во моментов активни се 5.673 случаи, најмногу од почетокот на епидемијата а бројката секојдневно расте.

Најголем број на активни случаи има во Скопје - 2.751 а трицифрени бројки на заболени има и во Струмица - 364, Тетово - 304, Куманово - 233, Прилеп - 214, Кочани - 196, Штип - 157, Битола - 152, Гевгелија - 132, Велес - 108, Охрид - 106 иГостивар каде има 103 лица позитивни на Ковид - 19.

Хоспитализирани се 464 пациенти. На Инфективната клиника има 99 пациенти од кои 67 се на механичка вентилација а во Градската болница „8 септември“ има 49 пациенти од кои четворица се на респиратор.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG