Линкови за пристапност

Продолжува сенатското сослушување на судијката Ејми Кони Барет


Кандидатката за член на Врховниот суд на САД, Ејми Кони Барет, се враќа во Конгресот каде и денеска продолжува нејзиното сослушување.

Вчера таа 12 часа беше испрашувана од сенаторите при што одби да одговори на низа прашања за тоа како би можела да одлучува при правни процеси доколку нејзината кандидатура биде потврдена за клучното испразнето место во највисокиот суд на земјата.

Барет на членовите на сенатскиот комитет за правда кои го одржуваат нејзиното сослушување им кажа дека нема да дозволи нејзините лични и религиозни убедувања да влијаат како ќе одлучува.

„Немам агенда, ќе го следам законот“ рече таа.

Барет на прашања од двајца републиканци одби да одговори како би пресудила за одлуката на судот од 1973-та година за легализација на абортусот во САД, за правото на поседување оружје потврдено со американскиот Устав и дали законот за национален здравствен систем треба да остане во сила.

Таа исто така избегна одговор на прашањето дали би се исклучила себе си, доколку за кратко време е потврдена од Сенатот, од разгледување на правни спорови кои би произлегле од претседателските избори.

Претседателот Доналд Трамп кој ја номинираше Барет се бори за втор мандат во Белата Куќа и се соочува со поранешниот потпретседател Џо Бајден од Демократската Партија.

Трамп го напаѓа масовното гласање по пошта и рече дека сака судот да помогне при конечната одлука за резултатот. Претседателот кој заостанува во националните анкети зад Бајден сака Барет да биде потврдена за да избегне пат позиција од 4 наспроти 4 при гласањето за оспорени изборни резултати.

Барет рече дека не разговарала со Трамп или со неговиот персонал за тоа како би одлучила за изборни спорови. Таа рече дека би било неетички како актуелен федерален апелациски судија да води таков разговор.

48 годишната Барет е поддржувана од американските конзервативци кои сакаат да постигнат конзервативно мнозинство во судот од 6 наспроти 3. Таа го посочи покојниот врховен судија Антонин Скалиа, за кого работела како правен службеник пред две децении, како нејзин филозофски ментор, за неговата строга интерпретација на американскиот устав кој бил напишан пред два века наместо за негова реинтерпретација со која би го одразувал актуелниот живот во САД.

XS
SM
MD
LG