Линкови за пристапност

Владата одбори набавка на 800 илјади вакцини против Ковид -19


Засега може групирање - препораките на Комисијата бараат законски измени, смета Владата која не донесе одлука околу повторно воведување на ПЦР тест при влез во државата. Над 100 ученици и наставници позитивни, а двојно се во изолација. Бројот на активни случаи се доближува до рекордниот од јули

СКОПЈЕ - Владата му наложи на министерот за здравство Венко Филипче да потпише договор за набавка на вакцини за Ковид -19 со Глобалниот сојуз за вакцини, а министерството за финансии и Генералниот секретаријат да ги обезбедат парите и да уплатат аванс. Набавката ќе оди преку COVAX механизмот за обезбедување глобален и рамномерен пристап до вакцини потврдени и регулирани од Светската здравствена организација (СЗО).

Според информациите на Гласот на Америка, планирано е да се набави количина на вакцини која би покрила 20 отсто од населението, а бидејќи станува за две дози бројката би била околу 830 илјади вакцини. Тие ќе чинат 8,8 милиони американски долари.

Засега може групирање на повеќе од четири лица во домовите и на отворено и носењето на маска на отворено сеуште не е задолжително бидејќи Владата, на денешната седница, не ја усвои препораката на Комисијата за заразни болести. Оттаму велат дека за спроведување на овие препораки се потребни измени во Законот за заштита на населението од заразни болести.

„Владата донесе заклучок дека за нивна реализација е неопходно да се направат соодветни измени во Законот за заштита на населението од заразни болести со што ќе се обезбеди можност со подзаконски акти Владата да ги уреди предложените мерки со цел спречување на појавата, рано откривање, спречување на ширењето и сузбивање на заразните болести и на инфекциите, правата и обврските на здравствените установи, правните и физичките лица, како и надзорот над спроведувањето на мерките, со цел заштита на населението од заразни болести“, стои во официјалниот допис од Влада.

Комисијата, како одговор на рапидниот раст на новозаболени, предложи да се ограничат семејните слави и собири како извор на ширење на коронавирусот со забрана групирање во куќи и станови и бројот на гости да се ограничи до четири лица а истото важеше и на отворен простор по 22 часот. Исто така беше предложено и задолжително носење маски на отворено, на работно место, во јавен транспорт и во возила ако лицата не живеат заедно.

Иако најави дека ќе ја ревидира одлуката, Владата и Комисијата за заразни болести остана на ставот дека во Северна Македонија може да се влезе и транзитира беа да се приложи негативен ПЦР тест. Иако станува збор за регионална иницијатива, поради моменталната состојба во државата, ПВР тестовите останаа задолжителни за македонските државјани доколку патуваат во Србија, Црна Гора и Босна и Херцеговина како и за Бугарија. Без тестирање македонските државјани може да патуваат само во Косово и Албанија.

Денешниот биланс од епидемијата на коронавирус во Северна Македонија е 80 новозаболени, три жртви и 97 оздравени пациенти. Сепак направени се само 680 тестирања од кои 12 отсто се позитивни.

Во последните три дена процентот на позитивни тестови се движеше меѓу 21 и 23 отсто што е црн рекорд досега.

Од почетокот на епидемијата битката со вирусот ја загубија 800 пациенти а во моментов се активни 3.996 случаи со што се се поблиску до рекордната бројка од 4.198 случаи која беше регистрирана на 25 јули.

Најголем број на активни случаи има во Скопје - 1.802 а бројката се зголеми за три пати во последните десет дена. Тешка е ситуацијата во повеќе градови каде има трицифрени бројки на заболени како што се Струмица - 260, Тетово - 222, Кочани - 213, Куманово - 172, Прилеп - 163, Штип - 123, Битола - 102 и Делчево каде во моментов како активни се водат 101 случај.

Болниците продолжуваат да се полнат а министерот Филипче продолжува со апелите за почитување на мерките за да се спречи преоптоварување и колапс на задравствениот систем. Речиси сите болнички капацитети на инфективните одделенија во градовите низ државата и во Градската болница се исполнети, а од вчера Инфективната клиника ја пушти во функција и модуларната болница.

Според официјалните податоци во моментов се хоспитализирани 432 пациенти.

На инфективната клиника има 95 пациенти од кои 54 се на кислородна поддршка а во Градската болница „8 септември“ има 44 пациенти од кои двајца се на респиратор.

„Во болницата во Битола се хоспитализирани 32, а во болницата во Штип се 49 пациенти. На инфективните одделенија во Тетово, Охрид, Велес, Куманово, Прилеп, Гостивар, Струмица, Струга и Кочани се хоспитализирани 194, позитивни и сомнителни на Ковид-19“, соопштија од министерството за здравство.

В меѓувреме, се повеќе случаи на заболени деца или наставнички кадар секојденвно се регистрираат во училиштата. Иако наставната година почна на 1 октомври досега, според статистиките на министерството за образование и наука (МОН), 42 ученици и 65 наставници се позитивни на вирусот а барем тројно повеќе се во изолација. Вирусот се појави и во Собранието каде позитивни се тројца пратеници поради што се разгледува можноста работата да се префрли он лајн.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG