Линкови за пристапност

Гласачи, електори, конгресмени – долг и компликуван процес за избор на претседател на САД


Многумина претпоставуваат дека победникот на американските претседателски избори е определен кога медиумите ќе објават крај на трката и кога губитникот ќе одржи говор во кој го признава поразот. Сепак, формалното прогласување на победник во претседателските избори е процес кој трае со месеци и кој нема да биде завршен до јануари.

Процесот е следен – граѓаните избираат електори, електорите гласаат за претседател а Конгресот го прогласува победникот.

„Го имате изборниот ден на кој се избираат електорите, потоа во декември електорите се собираат и гласаат за претседател а дури во јануари Конгресот го потврдува изборот“ објаснува Ејми Дејси, извршна директорка на Институтот за политика при Американскиот Универзитет.

Покрај Изборниот колеџ, потврдувањето на победник во претседателските избори ги вклучува и Сенатот, Претставнилкиот дом и Националните архиви.

Четиримесечниот процес е резултат на компромис меѓу основачите на земјата кои не биле убедени дека на гласачите може да им се верува да изберат достоен водач.

„Ова на почетокот било направено зашто се немало доверба дека граѓанството ќе го направи вистинскиот избор“ вели Дејси. „Тие не верувале дека американскиот народ треба директно да ги избира претседателот и потпретседателот, но не сакале ниту на Конгресот да му дадат апсолутна моќ при изборот“ додава таа.

Изборните експерти предвидуваат дека гласањето ќе трае подолго годинава поради пандемијата на Ковид-19 зашто се очекува повеќемина да гласаат преку пошта.

„Ова се правни процедури кои мора да бидат испочитувани“ вели Лиа Мериваки, помошник – професорка за американска политика на државниот Универзитет на Мисисипи. „Притисокот да се прогласи победник на изборната вечер ќе создаде забуна и недоверба и можеби многумина ќе почнат да ги тужат сојузните држави зашто очекуваат изборните резултати да бидат соопштени на изборниот ден. Тоа ќе ја направи работата на изборните тела и на сојузните држави потешка зашто тие ќе се обидат да одржат транспарентен и фер процес“ додава таа.

Откако 50-те сојузни држави и Округот Колумбија ќе ги пребројат гласачките ливчиња – директните, предвремените и оние по пошта, гувернерот на сојузната држава составува листа на електори. Копии од оваа листа позната како Сертификат за утврдување се поднесуваат до американскиот архивист, првиот човек на Националните архиви.

По ова електорите се собираат во главните градови на сојузните држави, а во Округот Колумбија во Вашингтон. Тука формално го даваат својот глас за претседател и потпретседател. Ова мора да се случи во првиот понеделник после втората среда во декември. Оваа година тој датум е 14-ти декември.

Електорите во секоја сојузна држава пополнуваат Сертификат за гласање кој го праќаат до американскиот Сенат, до Националните архиви и до властите во нивната држава. Кога ова ќе биде направено Изборниот колеџ нема активности до следните претседателски избори.

Последниот чекор се случува на 6-ти јануари 2021-та кога Конгресот се состанува да ги преброи гласовите на електорите и официјално да го прогласи победникот. Овој процес вообичаено е церемонијален, но може да има приговори. Во 1969-та и во 2005-та имало приговори на дел од гласовите на Изборниот колеџ, но Претставничкиот дом и Сенатот ги одбија приговорите и оспорените гласови беа изборени.

Се уште не се знае дали ќе има приговори по гласањето на изборите во 2020-та година, но претседателот Доналд Трамп повеќе пати неосновано тврдеше дека има масовни изборни измами во врска со гласањето по пошта.

„Ова е нова територија и се надевам дека нема да дојде до тоа зашто на тој начин преправате долгогодишни демократски норми и процедури“ вели Мериваки. „Мислам дека би било многу екстремно доколку Сенатот преземе акција која би ја поништила волјата на граѓаните. Мислам дека тоа би било многу проблематично за статусот на демократијата во Соединетите Држави. Мислам дека тоа повеќе не би било демократија“ смета таа.

Дејси смета дека може да се јават компликации доколку кандидатот што освои најмногу гласови не го добие и мнозинството во Изборниот колеџ. Претседателот Доналд Трамп во 2016-та имаше мнозинство во Изборниот колеџ, но освои помалку гласови од демократската кандидатка Хилари Клинтон. Истото се случи и во 2000-та година кога републиканскиот кандидат Џорџ Буш Помладиот освои мнозинство во Изборниот колеџ но претрпе минимален пораз кај мнозинството гласови од страна на демократскиот кандидат Ал Гор.

„Мислам дека главното прашање е – дали гласачите чувствуваат дека кога гласаат на денот на изборите тоа претставува и одлучувачки фактор за тоа кој ќе ги претставува? Во сите други избори е така зашто одлучува мнозинството гласачи“ вели Дејси. „Мислам дека ова може да ја намали вербата на луѓето во процесот и може да го намали бројот на гласачи. Јас сакам повеќе луѓе да гласаат. Ако тие мислат дека нивниот глас на денот на изборите во суштина и не носи одлука, мислам дека тоа ќе претставува предизвик за излезноста и за вербата на луѓето во системот“ објаснува професорката.

XS
SM
MD
LG