Линкови за пристапност

Осуетен заговор за киднапирање на гувернерката на Мичиген


Федералното истражно биро обвини шестмина анти-владини екстремисти, а седуммина други се уапсени врз основа на обвиненија за државен тероризам.

Властите за спроведување на законот во четвртокот објавија осуетување на заговор за киднапирање на гувернерката на Мичиген, апсејќи шестмина анти-владини екстремисти кои наводно биле лути заради мерките на затварање за време на пандемијата на коронавирус наложени од демократската политичарка. Седуммина други се уапсени по обвиненија за државен тероризам.

Шесте лица се обвинети во федерален суд за заговарање да биде киднапирана демократската гувернерка Гречен Витмер од нејзината куќа за одмор која би била однесена на изолирана локација во Висконсин за да ја судат за предавство.

Работејќи со членови на неидентификувана паравоена група во Мичиген, лицата - петмина од Мичиген и еден од Делавер - минале месеци во набљудување на летната резиденција на Витмер, последен пат минатиот месец, кажаа обвинителите.

„Сите ние може да не се согласуваме во врска со политиката, но тие несогласувања никогаш не треба да резултираат во насилство“, рече американскиот обвинител Метју Снајдер од Источниот дистрикт на Мичиген. „Наводите во случајот се длабоко загрижувачки“.


Неколку часа подоцна, Витмар рече дека делумно за тоа е виновен претседателот Доналд Трамп бидејќи не ги осудил белите супремацисти, вклучувајќи го и она за време на минатонеделната дебата со Џо Бајден.

Нема индикации во кривичниот поднесок дека уапсените биле инспирирани од Трамп, кој неодамна на Fox News изјави дека ги осудил „сите бели супремацисти“. Белата куќа коментарот на Витмер го нарече „неумесен“.

ФБИ ги идентификуваше шестмината како Адам Фокс, Тај Гарбин, Калеб Франкс, Даниел Харис, Брандон Касерта - сите од Мичиген - и Бари Крофт од Делавер. Доколку бидат осудени по обвиненијата, секој од нив се соочува со максимална казна доживотен затвор.

Адвокатот на Крофт, контактиран од Гласот на Америка, одби да коментира. Адвокатите на Фокс и Гарбин не одговорија на барањата за коментар. Судот уште не ги регистрирал адвокатите за Франкс , Харис и Касерта.

Во официјална изјава поднесена до федералниот суд во Мичиген, специјалниот агент на ФБИ, Ричард Траск кажа дека бирото започнало да ја истражува групата рано годинава откако дознале од социјалните медиуми дека лицата дискутираат за „насилно соборување на одредени владини и компоненти на спроведувачите на законот“, верувајќи дека владите на сојузните држави ги кршат нивните уставни права.

Траск вели дека групата иницијално планирала да упадне на Капитолот на Мичиген, но потоа решила да ја киднапира Витмер од нејзината куќа за одмор.

ФБИ користеле доверливи извори и тајни агенти за мониторење и следење на разговорите и активностите на групата, според кривичната пријава.

Заговорот бил во подоцнежна фаза на планирање кога агенти на ФБИ извеле претрес и апсење доцна во средата на повеќе локации. Минатата недела, според пријавата, едно од лицата купило 800.000-волтен тејзер за употреба при киднапирањето, и неколкумина други планирале да купат експлозиви во средата, според поднесокот на ФБИ.

Во месеците додека го заговарале киднапирањето на Витмер, шестемина биле во контакт со мичигенска паравојска, според пријавата. ФБИ не ја именува групата, но државните обвинители на Мичиген ја идентификувале како Wolverine Watchmen, паравоена група која активно регрутирала членови на Фејсбук од ноември 2019. Седуммина членови на Wolverine Watchmen биле уапсени според законот на Мичиген за тероризам против државата. Покрај играњето маргинална улога во заговорот за киднапирањее на Витмер, групата Wolverine Watchmen е обвинета за собирање на домашни адреси на полицајци со цел да бидат таргетирани, и за обид да „потпали граѓанска војна што ќе води до општествен колапс“.

Обидот за киднапирање на актуелен гувернер изгледа дека е прв заговор од тој вид.

XS
SM
MD
LG