СКОПЈЕ - Заштитна маска веднаш штом ќе го напуштите својот дом, забрана за големи прослави и забави во станови и куќи и забрана за групирање на отворено. Ова се трите мерки кои што Комисијата за заразни болести ги достави до Владата како одговор на рапидниот раст на бројката на активни случаи во последните десетина дена во државата. Полициски час и затварање на угостителските објекти засега нема да има. Епидемијата продолжува да се шири а денеска е забележан нов црн рекорд - 364 новозаболени во едно деноноќие.
Експертите сметаат дека бројките допрва ќе растат бидејќи речиси двојно е зголемен репродуктивниот број, односно бројката на луѓе кои може да заболат од лице носител на коронавирусот а со падот на температурите се повеќе ќе се користат затворените простории, идеални за ширење на вирусот.
„364 заболени во едно деноноќие е бројка која допрва ќе расте.Ако не се смени однесувањето на надлежните и на граѓанитеќе има многу поголеми бројки. Репродукцијата е зголемена на 1,5 а тоа значи дека на 300 нови случаи по периодот на инкубација ќе има нови 450 и тоа ќе прогресира“ вели Пановски.
Тој е изненаден од последните бројки за кои вели дека ги очекувал во ноември или декември.
„Овој старт е многу висок а температурите не се паднати и луѓето сеуште минуваат голем дел од времето на отворено. Допрва следуваат настинските и сезонскиот грип кои системот нема да може да ги следи“, објаснува Пановски.
Пановски стравува дека бројката на жртви неколкукратно ќе се зголеми до март.
„ Ако предвидувањата беа дека ќе имаме илјада жртви сега таа бројка е далеку повисока. Со мерките сигурно спасивме неколку илјади животи“, вели тој.
Едно од решенијата е надлежните превентивно и како предупредување да ги соопштат најтешките рестриктивни мерки кои би ги примениле доколку бројките продолжат да растат.
„Забрана за групирање во домовите на семејни прослави, слави и други собири во групи. Во едно живеалиште може да се примат најмногу четири луѓе. На семеен настан може да бидат сите кои се со живеалиште на таа адреса, плус најмногу четворица други. Се забранува групирање на јавен простор после 22 часот на повеќе од четири луѓе. Забрануваме групирање по паркови, безниски пумпи или било каде на отворено на поголема група граѓани. Задолжително носење на маски или заштитна опрема секаде при престој на отворено, затворено во било кои јавни објекти, на работно место, и во јавен и приватен транспорт“, соопшти министерот Филипче и додаде дека контролата на собирите во домашни услови ќе биде најголем предизвик па затоа мора да се подигне свеста на граѓаните.
Тој најави и дека се можни и поригирозни мерки но засега исклучи воведување на полициски час. Моменталната состојба ја оцени како сериозна но стабилна а здравстевниот систем е подготвен за борба со новиот бран на вирусот.
„Имаме план за реорганизација на болнички капацитети и кадар за да одговориме на предизвикот по системот на ротација, нешто што подолго време функционира, но ни треба и сериозна поддршка на граѓаните. Потребно е одговорно и совесно однесување за да превенираме пренатрупување на болниците, тоа не смееме да го дозволиме“, рече Филипче.
Некои инфективни одделенија се полни па заболените се препраќаат во други градови.
Во последното деноноќие починаа уште три пациенти, 73 годишен охриѓанец, 72 годишен радовишанец и 62 годишен жител на Гостивар со што бројката на жртви се искачи на 775 лица.
Во моментов активни се 3.147 случаи а најголем број од нив се во Скопје – 1.315. Трицифрени бројки на заболени има и во Струмица – 203, Кочани – 199, Тетово – 181, Куманово – 167 и Прилеп каде што има 134 активни случаи.
Според официјалните податоци хоспитализирани се 414 лица.На Инфективната клиника има 86 пациенти од кои 45 се на кислородна поддршка а во Градската болница „8 септември“ има 40 пациенти од кои четворица се на респиратор.
Министерството за образование и наука (МОН) денеска информираше дека од стартотна учебната година, кој беше на 1 октовмри,досега во изолација се вкупно 53 ученици и 8 наставници.
Институтот за јавно здравје денеска ја објави анализата на периодот од 28 септември до 4 октомври во кој се бележи драстичен пораст на бројката на нови случаи. Во анализираните седум денови вкупно регистрирани се 1.203 нови позитивни случаи што претставува зголемување од 35,5% спореден со периодот од 20 до 27 септември.
Во последните четири дена пак официјалната бројка на нови случаи е 949. Најголемо ширење на епидемијата има во Скопје каде што се регистрирани 519 новозаболени односно 43 отсто од вкупната бројка.
Зголемување има и во просекот на позитивни тестови. ако таа бројка досега беше едноцифрена сега бележи пораст за три проценти и изнесува 12,2 отсто. Најголемо заголемување на бројката на новозаболени има кај помладите, во две возрасни групи од 20 до 29 години и од 30 до 39 години што кореспондира и случувањата во последните десетина дена кога беа регистрирани фрапантни и флагрантни кршења на протоколите во неколку угостителски објекти низ дравата. Кај старосната група до 29 години е забележан раст на бројката на зболени од дури 60 отато додека кај старосната група до 39 години за 46,1 отсто. И бројот на починати загрижува и е 30 смртни случаи, односно за 7,1% повеќе во однос на претходната недела а коморбидитети се регистрирани кај 20 од починатите.
Facebook Forum