Линкови за пристапност

Анкета: Демократските општества имаат сѐ понегативен став за Кина


Меѓународната репутација на Кина нагло опадна по почетокот на пандемијата со корона вирус. Ова го покажува ново истражување на јавното мислење во десетина напредни демократии.

Во телефонската анкета биле вклучени над 14 илјади луѓе во 14 држави во периодот помеѓу јуни и август годинава. Истражувањето било спроведено од американскиот истражувачки центар Pew.

Резултатите покажуваат дека 61% од сите анкетирани сметаат дека Пекинг несоодветно одговорил на појавата на Ковид-19. 37% сметаат дека Кина имала соодветен одговор.

Негативните ставови се различни во различни држави, но најмногу преовладуваат во Јапонија, Шведска и Австралија каде над 80% од анкетираните имале негативно мислење за Кина.

Во Австралија 81% не го одобрува однесувањето на Пекинг што е зголемување за 24 процентни поени во однос на 2019-та кога ваков одговор дале 57% од испитаниците. Ова е најголемо зголемување на негативниот став кај сите држави во кои било спроведено истражувањето.

Тензиите меѓу Австралија и Кина се зголемија откако Канбера побара независна истрага за потеклото на новиот корона вирус кој прв пат беше изолиран минатата година во централниот кинески град Вухан. Пекинг на ова одговори со воведување на големи царини за австралискиот јачмен и со забрана за увоз на австралиско телешко.

Во истата анкета 78% од испитаниците имаат негативен став за кинескиот претседател Ши Џинпинг и рекле дека немаат доверба дека Ши би ја направил исправната работа во однос на глобалните прашања.

Другите нации во кои била спороведена анкетата се Обединетото Кралство, Белгија, Канада, Данска, Франција, Германија, Италија, Холандија, Јужна Кореја, Шпанија и Соединетите Држави.

XS
SM
MD
LG