Линкови за пристапност

Епидемијата зема замав - рекордни 317 новозаболени од коронавирус во последното деноноќие


За една недела регистрирани 1.446 новозаболени. Министерот Филипче најави нови рестрикции за да го спаси од колапс здравствениот систем. Инспекторатите со поголеми надлежности, висината на казните зголемена. Угостителите и музичарите на протест, бараат нови протоколи бидејќи се на работ на банкрот

СКОПЈЕ – 317 новозаболени во последните 24 часа е новиот црн рекорд на епидемијата на коронавирусот во Северна Македонија. Повеќе од половина од новите активни случаи се во Скопје - 182 заболени, а градот е најголемото жариште во државата. Според официјалните информации направени се 1.990 тестирања а 15,9 отсто биле позитивни. Досега црниот рекорд беше 240 случаи кој беше регистриран среде лето на 17 јули.

Рапидниот раст на новозаболени продолжува. За само една недела властите регистрираа 1.446 нови случаи а 33 лица ја загубија битката со вирусот. Според информациите на надлжените анализите покажуваат дека вирусот најмногу се шири кај лицата на возраст од 20 до 40 години.

Но најголем проблем е што се губи контрола врз трансмисијата а за тоа е потврда што секојдневно се пријавуваат случаи на заболени деца, воспитувачки и наставен кадар во училишта и градинки во повеќе градови низ државата но и во здравствени установи. Се повеќе деца, наставнички кадар и медицински персонал се во изолација.

„Во болнички услови починати се 4 лица, од Скопје (59г.), Струга(65г.), два пациенти од Гостивар (71г. и 76г.)“ соопштија кусо од министерството за здравство со што црниот билансна починати се искачи на 772 лица.

Во моментов активни се 2.892 случаи а гледано по градови, покрај Скопје каде што има 1.166 активни случаи критично е и во Струмица, Кочани, Тетово, Куманово и Прилеп каде што има трицифрени бројки на заболени лица.

Болничките капацитети се далеку од исполнети. На инфективната клиника има 87 пациенти од кои 45 се на кислородна поддршка а во Градската болница „8 септември“ има 37 пациенти од кои тројца се на респиратор.

Министерот Венко Филипче не исклучи воведување на нови рестриктивни мерки и најави дека нема да дозволи оптеретување на здравствениот систем кој може да доведе до колапс.

„Разбирам дека кај сите има голем замор од оваа состојба и дека буквално ви е преку глава од коронавирусот. Но, верувајте дека заморот е уште поголем кај здравствените работници. Тие седум месеци деноноќно работат да ја одржат состојбата под контрола. Како министер нема да дозволам да се преоптовари здравствениот систем и да нема кревети за лечење. Нема да дозволам да клекнат на колена колегите од замор. Рестрикции и мерки ќе носиме секогаш кога ќе процениме дека тоа е единствен начин да се заштити системот и јавното здравје. Мерките и рестрикциите не се ничија желба или хир. Едноставно мора да разбереме дека тие се единствените алатки кои ни се на располагање за да се заштитиме“ напиша Филипче на социјалната мрежа „Фејсбук“.

Викендов во јавноста се појавија снимки од неколку големи и познати локали во Скопје и Струмица каде што фрапантно се кршеа протоколите и мерките за заштита. Пријавите и казните стигнаа со задоцнување.

Владата реагираше експресно, пазарниот, трудовиот и инспекторатот за транспорт добија поголеми овластувања и ингеренции со кои ќе можат поефикасно да се справат со се почестите и пооочигледни кршења на здравствените протоколи. Сега инспекторите ќе може да го затворат објектот на лице место и да му изречат забрана за вршење на дејност во траење до еден месец. Исто така се зголемуваат и паричните казни за кршење на здравствените протоколи а нивната висина ќе зависи од големината на фирмата.

„Tокму затоа се измените во законските решенија за Државниот пазарен инспекторат (ДПИ) и полицијата, не само да направат записник туку истиот правен субјект да може да биде испразнет да не се пренесува зараза и да добие решение за затворање и парична казна. Со пондесувањето на кривичните пријави видовме дека има доста пропусти направено“, изјави Стојко Пауновски, директор на ДПИ, тврдејќи дека неговата институција постапува неселективно.

Владата, во понеделникот, донесе нов сет мерки како одговор на ширењето на коронавирусот но и флагрантното кршење на мерките и протоколите кој се однесува угостителскиот сектор. Забрана за настапи и гостување на музичари, групи и диџеи, намалување на бројката на гости со ограничување на четворица на маса и продолжување на забраната за работа на дискотеки, ноќни клубови и ресторани за свадби.

Тоа беше причина денеска на протест да излезат здруженијата на угостители, естрадни уметници и сопственици на ноќни клубови. Од бината тие испорачаа ултиматум од 48 часа за укинување на новиот сет на превентивни мерки со кои им се ограничува работењето. Од кабинетот на премиерот експресно со покана за средбна во петок, на истекот од ултиматумот.Финансиска поддршка и нови протоколи се двете клучни барања кои ги имаат естрадните уметници. Сметаат дека надлежните немаат слух за нив а револтот е се поголем бидејќи наместо да се лоцираат прекршителите и да се казнат вината за рапидниот раст се префрла на нив.

„Со нетрпение и исчекување бевме овие седум месеци, заедно во сево ова, мислејќи дека ќе престане ова граѓанско малтретирање. Останавме единствена гранка во стопанството за која никој не е заинтересиран. Баравте да бидеме послушни граѓани – бевме, баравте од нас да одиме по вашите протоколи – одевме. Што сакате од нас? Ние сме музичари, ние не го шириме вирусот“, изјави Даниел Сидовски, организатор на протестот.

Дискотеките и ноќните клубови се на работ на финансиски колапс велат сопствениците. Седум месеци се затворени а овој пат се изоставени и од финансиска помош. Велат дека доколку мерките останата на сила и тие не ги отклучат вратите, 90 отсто од нив ќе мора да ги згаснат своите бизниси. Тврдат дека нивните објекти се безбедни.

„Нашите објекти се така направени за да ги исполнуваат мерките за заштита. Дистанца множеме да обезбедиме секогаш. Седум месеци не работиме а режиските трошоци течат. За нас овој пат нема финансиска поддршка. Мој став е дека ако Владата не ја смени одлука 90 отсто од ноќните клубови и дискотеки ќе стават клуч на врата засекогаш и ќе згаснат“, изјави Горан Арсовски, претставникот на ноќните клубови.

Протокол за организирање на настани е тоа што го бараат сопствениците на ресторани за свадби со што тие повторно би почнале со работа и би се спречиле свадбите во приватна режија без протоколи кои се извор на новозаболени и ширењето на вирусот.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG