Дебатата меѓу кандидатите за потпретседател Мајк Пенс и Камала Харис е последна во низата политички настани на кои влијае пандемијата.
Во нормален изборен циклус оваа дебата се смета за второстепена во однос на серијата дебати меѓу кандидатите за претседател кои вообичаено предизвикуваат најголемо влијание кај гласачите.
Но, веста за позитивниот тест на 74 годишниот претседател Доналд Трамп и особено внимателниот начин на терање кампања на неговиот противкандидат, 77 годишниот Џо Бајден, може да ги насочи гласачите да посветат поголемо внимание на кандидатите за потпретседател кои се значително помлади и кои би ја презеле функцијата доколку тоа е неопходно.
Пенс, кој има 61 година е поранешен член на Конгресот и поранешен гувернер на Индијана, ќе застане на сцената во Солт Лејк Сити во Јута во уникатна позиција, додека Трамп се уште закрепнува во Белата Куќа од смртоносниот и заразен вирус.
Во меѓувеме Харис, која има 55 години и е поранешен главен правобранител на Калифорнија, се обидува да стане првата жена и првата Афроамериканка избрана за потпретседателка, таа влегува во фокусот поради загриженоста за возраста на Бајден.
„Оваа година е поинаква не само поради корона вирусот туку и поради фактот што можеби нема да има уште една претседателската дебата, но исто така и поради фактот што имаме двајца кандидати за претседател кои имаат над 70 години“ вели Тод Белт, директор на програмата за политички менаџмент на Универзитетот Џорџ Вашингтон.
За оваа дебата Комисијата за претседателски дебати ги прифати барањата на кампањата на Бајден за дополнителни безбедносни мерки – поголемо растојание меѓу кандидатите од 4 метри. За разлика од претседателската дебата Пенс, Харис и модераторот Сузан Пејџ може да бидат зад бариери од плексиглас.