Еврокомесарот, кој дојде во Скопје ден по објавувањето на извештајот за Северна Македонија, вели дека за ова прашање во тек се преговори меѓу земјите-членки и побара трпение. Уверен е дека дипломатијата ќе успее да ги надмине проблематичните теми како што се историските и идентитетските прашања кои Бугарија се обидува да ги наметне како услов за Северна Македонија да ги почне преговорите за членство.
„Во интерес е и на Бугарија и на Северна Македонија да најдат решение за прашањата кои предизвикуваат недоразбирања. Без да се разјаснат работите ќе биде многу тешко процесот да се придвижи напред. Ова е моментот за да се постигне договор.Гледам посветеност кај премиерите Заев и Борисов и се надевам дека ќе успејат да изнајдат решение. Да се дојде до решение не е невозможно. Премногу не би драматизирал околу прашањето, кое сепак е сериозно“ вели Оливер Вархеји, Еврокомесар за проширување.
Уверува дека Брисел ќе направи се што може за да го олесни процесот. Според Вархеји, вчера објавениот извештај, е потврда дека се исполнети условите за старт на преговорите за членство, чин со кој треба да се согласат сите земји-членки. Премиерот Заев најави дека наодите во извештајот ќе се искористат за наредниот владин акциски план.
„Јас како премиер заедно со министрите од анализата на наодите од Извештајот на Европската комисија ќе ги искористиме укажувањата на ЕК за проверка на нашите акциски планови и стратегии од првиот кластер од поглавјето за преговори посветен на темелните вредности кои ќе се преточат во наши преговарачки позиции“ рече Зоран Заев, претседател на Владата.
Во обраќањето пред парламентот Вархеји порача дека оваа година била клучна за земјата и дека тој ќе продолжи да ја поддржува. За стратешкото значење што Западен Балкан го има за Брисел, според еврокомесарот, зборува вчера усвоениот економски и инвестициски план за долгорочно закрепнување тежок 9 милијарди евра кој треба да му помогне на регионот да излезе посилен од кризата и да го забрза процесот на евроинтеграција.