Линкови за пристапност

35 милиони заразени со корона вирус во светот


Една недела откако бројот на смртни случаи во светот надмина еден милион, бројот на инфицирани достигна 35 милиони, покажуваат податоците на Универзитетот Џонс Хопкинс.

Бројот на заразени во Германија достигна 300.000 а во Обединетото Кралство 500.000.

Во Нов Зеланд премиерката Јасинда Арден во понеделникот рече дека рестрикциите во градот Оукленд ќе бидат укинати во среда. Овие мерки беа воведени по појавата на жариште во најголемиот град во земјата во август кое се закани да го попречи напредокот на Нов Зеланд кон искоренување на вирусот.

Во Оукленд нема нови случаи 10 дена по ред, а со укинување на мерките од среда луѓето повеќе нема да треба да почитуваат социјално дистанцирање во баровите и во рестораните и ќе може да се собираат во групи поголеми од 100.

Во Франција почнувајќи од вторник баровите ќе бидат затворени на две недели, а рестораните ќе треба да почитуваат нови санитарни протоколи, објави кабинетот на премиерот. Во Франција во неделата имаше 12.565 нови случаи на корона вирус, а во текот на минатата недела на интензивна нега завршиле 893 пациенти.

Првиот човек на британската група за вакцинација за Фајненшл Тајмс изјави дека нема да има вакцинирање на сите.

„Луѓето зборуваат за вакцинирање на целото население, но тоа не е така“ рече Кејт Бингам. „Вакцинирањето на здрави луѓе за кои е малку веројатно да имаат сериозни последици од Ковид-19 може да им предизвика неочекувана штета“ рече таа. „Станува збор за вакцина само за возрасни, за луѓе на 50 години со фокус на здравствените работници и на ранливите категории“ додаде таа.

Претседателката на Европската Комисија Урсула вон дер Лајен во понеделникот објави дека е во самоизолација откако минатата недела била на состанок со човек кој подоцна добил позитивен тест за корона вирус. Вон дер Лајен рече дека во четвртокот нејзиниот тест бил негативен и дека денеска повторно ќе се тестира.

XS
SM
MD
LG