Линкови за пристапност

Состојбата на Трамп стабилна - денеска можеби се враќа во Белата Куќа


Претседателот Доналд Трамп во неделата вечер на Твитер објави видео во кое вели дека добива „одлични наоди“ од неговите лекари а на поддржувачите собрани пред болницата во која добива третман за Ковид-19 им вети мало изненадување.

По ова претседателот накратко го напушти воениот медицински центар Волтер Рид во блиндирано возило придружувано од агенти на тајната служба и помина покрај групата луѓе.

„Претседателот Трамп се повози во поворка за да ги поздрави неговите поддржувачи и сега се врати во претседателскиот апартман во болницата Волтер Рид“ соопшти Џуд Дере, портпарол на Белата Куќа.

Претходно во неделата лекарите кои го третираат претседателот објавија дека тој доживеал „две епизоди на намалување на нивото на кислород во крвта.“

И покрај тоа „факт е дека тој е добро“, рече главниот лекар на претседателот Шон Конли.

Тимот предводен од Конли беше потранспарентен во неделниот брифинг во однос на претходниот ден кога нивниот настап пред новинарите изгледаше како да отвора повеќе прашања од што од одговора.

Конли, запрашан од новинар зошто го одбегнал прашањето дали Трамп добил кислородна поддршка во Белата Куќа во петокот, што всушност и се случило, одговори дека се обидувал „да го рефлектира позитивниот однос на тимот.“

Конли објасни „не сакав да дадам информација која може да укаже на движење на болеста во друга насока и со тоа можеби изгледаше дека се обидуваме да скриеме нешто што не значи дека беше така.“

Медицинскиот тим за време на 10 минутниот брифинг на скалите пред медицинскиот центар Волтер Рид објасни дека претседателот добива стероид, Дексаметазон, кој вообичаено се дава при благи до умерени случаи на корона вирус. Трамп исто така добива пет дневен третман со Ремдесивир, антивирален лек.

д-р Шон Дули, армиски полковник и пулмолог, на репортерите им кажа дека виталните знаци на претседателот биле стабилни во неделата наутро и дека пациентот се движи и не се жали на проблеми со дишењето или други респираторни симптоми.

„Ако продолжи да изгледа и да се чувствува како денеска, се надеваме дека ќе може да го отпуштиме уште во понеделник и да се врати во Белата Куќа каде ќе продолжи со терапијата“ рече д-р Брајан Гарибалди, цивилен специјалист за пулмологија од Универзитетот Џонс Хопкинс.

Остануваат неколку клучни прашања, како тоа дали претседателот претрпел оштетување на белите дробови. Лекарите во своите одговори во неделата одбија да објаснат повеќе, рекоа дека наодите биле очекувани кај нивниот пациент.

Трамп во петокот имал покачена температура и тоа, заедно со краткотрајната потреба за кислородна поддршка, го поттикнало префрлањето на претседателот од Белата Куќа во болница, рече Конли.

XS
SM
MD
LG