Линкови за пристапност

Продолжуваат борбите во Нагорно Карабах


Советот за безбедност на Обединетите нации подоцна денеска треба да дискутира за борбите во Нагорно Карабах.

Состанокот зад затворени врати е на барање на пет европски држави – Обединетото Кралство, Белгија, Естонија, Франција и Германија.

Вчера во областа се интензивираа борбите меѓу силите на Ерменија и Азербејџан.

Портпарол на генералниот секретар на ООН разговарал со претседателот на Азербејџан Илхам Алиев и со премиерот на Ерменија Никол Пашинан и повикал на „итно запирање на борбите, деескалација на тензиите и враќање на преговорите без одложување“ пренесе Асошиејтед Прес.

Властите во Нагорно Карабах соопшти дека се убиени 58 војници од неделата до сега кога, според нив, Азербејџан започнал со воздушни и артилериски напади.

Регионот исто така пријави и двајца загинати цивили.

Нема официјални информации за загинати војници на Азербејџан.

Двете страни меѓусебно се обвинуваат за користење на тешка артилерија. Азербејџанското Министерство за одбрана соопшти дека ерменските сили го гранатираат градот Тартар.

Борбите поттикнаа стравови дека регионалните сили Русија и Турција би можеле да се вмешаат во насилството. Москва има одбранбен договор со Ерменија, а Анкара го поддржува Азербејџан.

Портпаролот на Кремљ, Дмитри Песков, во понеделникот повика на итно прекинување со насилствата и рече дека ситуацијата „е причина за загриженост во Москва и во други држави.“

Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган рече дека единствен начин да се осигура мир е итно повлекување на Ерменија од регионот.

Соединетите Држави во неделата повикаа на крај на насилствата. Портпаролот на Стејт департментот издаде соопштение во кое се вели дека САД „најостро ја осудуваат ескалацијата на насилството.“ Соопштението повика двете страни да работат со групата Минска на ОБСЕ „на враќање на преговори што е можно поскоро.“

Групата Минск на ОБСЕ, Организацијата за безбедност и соработка на Европа, има задача да најде мирно решение за ставање крај на конфликтот.

САД заедно со Франција и Русија копретседава со групата Минска која издаде заедничко соопштение во неделата во однос на „големите воени активности долж контактната линија во конфликтната зона Нагорно Карабах.“

„Најостро ја осудуваме употребата на сила и жалиме за загубата на животи, вклучително и на цивилни“ стои во соопштението. Во него исто така се повикува „двете страни веднаш да прекинат со насилствата и да продолжат со преговорите за наоѓање одржливо решение за конфликтот.“

Ерменија и Азербејџан во неделата воведоа полициски час и започнаа со мобилизација на трупите откако започнаа борбите во Нагорно Карабах, област во Азербејџан во која во најголем дел живеат Ерменци.

Ерменија го обвини Азербејџан за напади на цивилни населби во регионот.

„Нашиот одговор ќе биде пропорционален а воено – политичкото лидерство на Азербејџан ќе ја сноси целата одговорност за ситуацијата“ соопшти ерменското Министерство за одбрана.

Министерството за одбрана на Азербејџан соопшти дека започнало со воена операција долж контактната линија меѓу двете земји „за да ги сузбие борбените активности на Еменија и да ја осигура безбедноста на населението.“

Ерменските сепаратисти ја презедоа контролата на Нагорно Карабах од Азербејџан во крвава војна во 1990-те во која загинаа околу 30 илјади луѓе.

Разговорите за решавање на конфликтот се во мирување откако во 1994-та беше потпишан договор за примирје меѓу Ерменија, Азербејџан и Нагорно Карабах.

Напорите за траен мир во регионот предводени од групата Минск пропаднаа во 2010-та.

XS
SM
MD
LG