Екс министерката за внатрешни работи, Гордана Јанкулоска, од денеска ја издржува четиригодишната затворска казна во затворот „Идризово“. Таа попладнево беше спроведена во најголемата казнено поправна институција во државата откако и беше врачена пресудата од Врховниот суд.
Јанкулоска ќе биде во карантин во приемното одделение во наредните најмалку петнаесет дена, период во кој ќе се вршат безбедносни проценки, пред да биде преместена во друга ќелија и со други осуденички.
„Приемот на Јанкулоска заврши. Таа е во приемното одделението превентивно заради протоколите. Сите осуденици се таму 15 до 30 дена заради опсервација и проценка на безбеносниот ризик и се отвара досие за престој. Во приемното одделение има уште една осуденичка но таа е во посебна просторија и нема да имаат контакт. Условно кажано Јанкулоска е во карантин во женското одделение“, изјави Александар Донев, дирeктор на затворот „Идризово“
Од МВР соопштија дека инспектори од одделот за потраги ја спровеле Јанкулоска откако им бил доставен упатниот акт потпишан од судија на претходна постапка од скопскиот Кривичен суд.
„Наредбата од судот попладнево беше доставена во министерството. Ние веднаш постапивме и полициски службеници ја спроведоа Јанкулоска од нејзиниот дом во затворот „Идризово“, изјави Тони Ангеловски, портпарол на МВР.
Претседателот на Кривичен суд, Иван Џолев, за телевизија „Телма“ изјави дека денеска ја добил конечната пресуда од Врховниот суд која потоа и била врачена на Јанкуловска. Џолев вели дека не постои можност за одлагање на затворската казна бидејќи тоа веќе го сторила претходно заради детето кое тогаш немаше наполнето една година.
Од опозициската ВМРО - ДПМНЕ веднаш излегоа со реакција и обвинија дека Јанкуловска е жртва на политичката пресметка на премиеротЗаев со опозицијата.
„Јанкуловска е жртва на неправдите на Заев и нејзиното одење во затвор е политичка пресметка и нарачка на мафијашот Заев со опозицијата. Додека власта се осветува кон мајка, сопруга и професионалец кој со години и служел на државата сеуште нема ниту збор за тоа каде завршувале парите од рекетот на Зоран Заев, имаме амнестија на очигледен поткуп на Заев, евро за Вицето евро за црквата, имаме целосен молк за поткупот на екс директорот на ФЗО Ден Дончев, обвинителството молчи за панамските пари и зделките со Заев за 2000 стана во Тетово, се молчи за измамата на штедачи на Еуростандард банка и редица други скандали кои се случуваат на дневно ниво“, стои во официјалното соопштение на партијата.
Во случајот „Тенк“, односно незакнонската набавка на блиндираниот „мерцедес“ вреден 600 илајди евра , покрај Јанкулоска прогласени за виновни и осудени се екс премиерот а сега бегалец Никола Груевски кој доби две години затвроска казна и поранешниот помошник министер во МВР, Ѓоко Поповски, кој е осуден исто така на четири години затвор.
Јанкулоска беше обвинета за злоупотреба на службената положба и овластувањата бидејќи на барање и нарачка на тогашниот премиер Никола Груевски му наложила на Поповски да го намести тендерот и со пари од буџетот на полицијата, да купи блиндиран „мерцедес“ но не за МВР, туку за Груевски.
Јанкулоска, на која и се судеше во издвоена постапка, беше прогласена за виновна и осудена во март 2019 година. Таа ја обжали пресудата и побара одложување бидејќи во меѓувреме стана мајка. Судските власти и одобрија одложувањена издржување на казната во траење од неколку месеци, односно до моментот кога нејзиното новороденче би наполнило една година. Во меѓувреме таа поднесе барање до Врховниот суд да ја преиспита одлуката на Апелација, која и ја потврди казната. Барањето беше прифатено а тогашниот претседател на Врховен, Јово Вангеловски, се повика на Законот за кривична постапка иако во пракса речиси никогаш такво барање не било прифатено.
На 18ти овој месец Врховниот суд, овој пат без Вангеловски на чело и по повеќе од една година, донесе одлука со која ја потврди пресудата на Апелација, со што на Јанкулоска и беа исцпрени сите правни лекови за одложување на издржувањето на затворската казна.
Facebook Forum