Американскиот претседател Доналд Трамп во саботата ја номинираше Еми Кони Барет да го пополни испразнетото место во Врховниот суд на САД по смртта на либералната судијка Рут Бејдер Гинсбург, давајќи му можност да го направи судот поконзервативен 38 дена пред претседателските избори на 3-ти ноември.
„Денеска ми е чест да номинирам еден од најбрилијантните и надарени умови во правосудството на нашата држава за Врховниот суд... судијката Еми Кони Барет“, рече Трамп на собир во Градината на розите.
„Еми Кони Барет ќе решава во случаите врз основа на текстот на Уставот како што е напишан. Како што кажа Еми, „Да се биде судија треба храброст. Вие не сте таму да решавата случаи како што вам ви се допаѓа. Вие сте таму да ја исполните вашата должност и да го следите законот без оглед каде тој може да ве однесе.“ Токму тоа е она што судијката Барет ќе го прави во Врховниот суд на САД“, рече тој.
Трамп кажа дека верува оти тоа ќе биде брзо потврдување и ги поттикна законодавците и медиумите да се воздржат од лични и партиски напади врз Барет.
Трамп вети дека ќе номинира жена што ќе ја наследи судијката Гинсберг, која почина минатата недела на возраст од 87 години.
Претседателот исто така забележа дека ако Барет, мајка на седум деца, биде потврдена, таа ќе биде прва мајка на деца од училишна возраст да служи на највисокиот суд во државата. На возраст од 48 години, таа би била најмлад судија во деветчлениот Врховен суд.
Номинацијата на Трамп за Врховниот суд би била трета за него, по сенатското одобрување на два други конзервативни судии, Нил Горсач и Брет Кавана.