Линкови за пристапност

ВМРО – ДПМНЕ повторно на протест, Мицкоски бара јавниот обвинител да биде на предлог на опозицијата


Покрај барањето за јавен обвинител испорачани беа уште три конкретни барања, запирениње на притисоците и етикирањата на политичките неистомисленици, закон за заштита од дискриминација и ревизија на коруптивни предмети

СКОПЈЕ –Многу обвинувања за криминал и корупција и четири конкретни барања на петтиот протест на најголемата опозициска партија ВМРО – ДПМНЕ, кој денеска се одржи под мотото „Против неправдите, реваншизмот и политичкиот прогон“. За прв пат Мицкоски но и останатите говорници отворено им дадоа поддршка на осудените за насилствата во Собранието од 27 април и на екс министерката за внатрешни работи, Гордана Јанкулоска, која наскорто ќе мора да оди на издржување на четиригодишната затворска казна.

„Во затворите има луѓе кои се таму поради политички прогон, а оние за кои Заев велеше дека се криминалци денес гледаме дека се најблиски до него.Неправда е кога Гордана Јанкуловска ја носат во затвор а Заев се вози со истиот мерцедес и троши дополнителни 8 милиони евра за набавка на други возила. Неправда е кога главната обвинителка е главен телохранител на мафијата. Неправда е кога убијците на децата од Смилковско се на слобода а уставобранителите во затвор“, рече Мицкоски.

Тој наброја неколку слчаи кои според него се доказ за политички реваншизам и притисоци од власта кон неистомислениците во државната администрација.

Според Мицкоски Владата контролира медиуми кои шират лажни вести за успешно работење а се етикетираат критичките.

Од говорницата пред кривичниот суд, Мицкоски испорача четири конретни барања до Владата и тоа, независен јавен обвинител предложен од опозицијата, крај на притисоците и политичките етикетирања во администрацијата, војската и МВР, формирање на Комисија за заштита од дискриминација и ревизија на сите предмети за кои сметаат дека требало да бидат отворени а не биле, меѓу кои и оние за масовното прислушување на граѓаните, новинарите, судиите и обвинителите.

„Судството и обвинителството се инструменти на мафијата, затоа нема никаква реакција. Мафијата е мафија зошто судството и обвинителството се клекнати на колена. Затоа, како прво бараме тоа што беше ветување дадено од мафијата кога мафијата беше во опозиција иако и после овие брутално покрадени талибански избори тие требаше да останат во опозиција, но за кратко ќе бидат во опозиција, бараме: овие мафијаши да си го исполнат ветувањето и да дадат можност опозицијата да предложи независен и непристрасен јавен обвинител кој ќе го исече од корен криминалот почнувајќи од првото дело па се до завршувајќи го последното“, рече Мицкоски.

Пред присутните на протестот се обрати и пратеникот Игор Дурловски, кој во својот говор кажа дека не сака држава на политички прогон и нагалси дека во државата се применува сила против свеста, сила против животот и насилство против волјата на секој оној што мисли поинаку од власта.

„Сето она што се случи по 27 април 2017 година ќе остане длабоко врежано во нашата колективна меморија, како пример за сериозна злоупотреба на власта и моќта во справувањето со неистомислениците и политичкото насилство во киднапирањето на државата и погазувањето на сите закони. Ова мое денешно обраќање пред вас, сакам да им го посветам на нашите браќа кои се во македонските затвори. Неправедно обвинети, неправедно осудени. Можам да ветам, дека ќе ги искористам сите законски, демократски инструменти да се дознае вистината“, кажа Дурловски.

Владеачката СДСМ, експресно со реакција по поротестот на опозицијата и најавените барања. „Мицкоски е на страната на неправдата и криминалот, ВМРО-ДПМНЕ е симбол на режим, политички терор и реваншизам“, велат од партијата и додаваат дека лидерот на опозицијата застанал во одбрана на вантрепартискиот криминал.

„Вечерва нервозниот Мицкоски и неговите приврзаници застанаа зад насилниците кои на 27 април се обидоа да убиваат пратеници во Собранието, застанаа зад осудени криминалци и извршители на Никола Груевски, како Гордана Јанкуловска. Ако навистина е за правда и владеење на правото, Мицкоски ќе ги повикаше своите соработници против кои се водат предмети и истраги, да се соочат со одговорноста, а не како вечерва да се обидува да врши притисоци врз судството и обвинителството, како во мрачните години на режимот. Нема поголемо лицемерие од тоа Мицкоски да зборува за слободата на медиумите кога токму неговата партија апсеше и затвораше новинари, вршеше упади во медиуми и системски корумпираше медиуми“, стои во партиското соопштение.

Покрај протестите продолжуваат и кадровските промени во најголемата опозициска партија. Половникот Драган Ковачки, кој беше кандидат за технички министер за внатрешни работи, сега е член на Извршниот Комитет. Владимир Неловски е нов претседател на градскиот Комитет во Скопје а Тимчо Муцунски и Владимир Ѓорчев се новите меѓународни секретари на партијата. Распишан е оглас и за избор на нови претседатели на 15 општински комитети.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG